Достапни линкови

Македонија подготвена конечно да тргне напред


Две илјади и втората година, со неколку забележителни исклучоци, донесе релативно мала промена на ситуацијата во Западен Балкан. Србија се мачи да избере претседател, Црна Гора се обидува да го скрие своето шверцерско минато, во Хрватска продолжува хаотичната состојба, а Косово останува меѓународен протекторат, што е случај и со Босна. Тензичната Македонија која, како што велат експертите, започна да ги решава нејзините најтешки социјални проблеми, се чини конечно е подготвена да тргне напред.

Македонија, која во две илјади прва беше разурната од конфликтот, го имплементира Охридскиот рамковен договор со менување на законите и со уставни амандмани со кои на малцинствата во земјата им се гарантираат поголеми граѓански и јазични права. Во септември, избирачите и го израчаа поразот на националистички ориентираната коалициона влада предводена од Љупчо Георгиевски. Неговата популарност опадна поради обвинувањата за ширење на корупцијата во земјата. На власт дојдоа Социјалдемократскиот сојуз и партијата формирана од поранешните албански бунтовници и нивните команданти:

„Она што ние Македоните мора да го разбереме без разлика дали тоа некому му се допаѓало или не, е дека Македонија не е држава само на македонскиот народ, а сите останати се само нужно зло и лоша судбина која мора да се прифати од немајкаде. Треба и да разбереме и да прифатиме, дека Македонија ни припаѓа на сите подеднакво и дека никој нема екслкузивно право, на нејзината сопственост.“

изјави премиерот Бранко Црвенковски кој заедно со неговите коалициони албански партнери е во потрага по обнова на довербата на владата меѓу македонците и албанците во земјата. Како на дел од напорите за тоа се гледа и на нивните интенции да биде ставен ред во безбедносните сили и во јавниот сектор. Повеќе од една деценија од распаѓањето на СФРЈ, Сојузна Република Југославија е на патот да се осолободи од своето минато и да биде заменета со лабава конфедерација составена од Србија и од Црна Гора. На принудниот брак му кумуваше еврокомесарот Хавиер Солана кој во минатиот март ги убеди претседателите на Југославија и на Црна Гора за новата нивна заедничка држава.

И двете републики страдаат од висока инфлација и голема невработеност. Во Србија е голема и политичката апатија што доведе до два неуспешни обида да се избере претседател на републиката. Црна Гора пак, која обидувајќи се да проектира европска ориентација го презеде еврото како своја валута, останува со сликата од минатото како центар на шверцот во регионот. Што се однесува до Косово, специјалниот пратеник Михаел Штајнер презеде активни напори за намалување на тензиите меѓу албанците и србите и воведе меѓународна администрација во Косовска Митровица. Штајнер вели дека Обединетите Нации би требало што е можно поскоро да го решат идниот статус на Косово. Во Босна и Херцеговина пак, британецот Педи Ешдаун стана нов меѓународен администратор и веднаш се фокусира врз тамошната корупција. Но, тој наскоро дојде под удар на странските аналитичари дека не сторил доволно да го спречи јакнењето на нациоанлистите кои ја зголемија нивната моќ на октомвриските општи избори. Таквото мислење не го дели Сенад Печанин уредник на саревскиот весник Дани:

„Господин Ешдаун донесе нова енергија и нов стил. Тој од почетокот покажа дека нема да се воздржува својата моќ да ја употреби против националистичките партии.“

Албанија во две илјади и втора година доби нов претседател - Алфред Мојсиу пензиониран генерал трениран во советската Армија и старо нов премиер – социјалистот Фатос Нано кој своето политичко враќање го стори, предизвикувајќи паѓање на владата предводена од неговиот сопартиец Илир Мета.

„Владата нема да има милост во казнувањето на корупцијата.“

изјaви Нано по преземањето на функцијата премиер. Во Хрватска пак, се во пораст критиките против премиерот Ивица Рачан чија влада останува нерешителна и со недостиг на волја да ги спроведе сериозните економски реформи. Од друга страна Хрватска се соочи и со критики од надвор поради случајот со непредавањето на генерал Јанко Бобетко на Хашкиот трибунал.
XS
SM
MD
LG