Достапни линкови

Стево Пендаровски, советник за национална безбедност на претседателот. Национална безбедносна стратегија во согласност со НАТО


Како ја оценувате актуелната безбедносна ситуација во државава?

Актуелната безбедносна ситуација е комплексна, независно од кој агол ја гледате и кои елементи како значајни сакате да ги издвоите. Меѓутоа, генерално тенденцијата оди кон смирување и кон реално реинтегрирање на поранешните кризни региони, каде што посебно се проблематични безбедносните тенденции и ми се чини дека ако новата владина структура продолжи да го спроведува принципот што го започна со нејзиното доаѓање на власт за постепено, чекор по чекор, пенетрирање во тие средини, поранешни кризни региони, мислам дека во наредните три до четири месеци може да очекуваме финално стабилизирање на тоа подрачје, под претпоставка да имаме мулти етничност во полициските единици и да се држиме до професионалните стандарди и критериуми при работењето.

Во серијата тркалезни маси што беа организирани беа изнесени мноштво сугестии, предлози, за тоа како да се дојде до национална стратегија за безбедноста. Кога може да се очекува финализирање на овие предлози и сугестии?

Според одлуката на владата од пред еден месец, таа формираше едно меѓуресорско тело кое има претставници на најбитните органи и министерства, вклучувајќи го и кабинетот на претседателот и најавено е дека работата ќе почне од јануари 2003-тата. Очекувам во првиот квартал од 2003-тата да го имаме првиот драфт на таа стратегија.

Во колкава мера таа ќе кореспондира со нашата определба за членство во НАТО во еден колективен систем за безбедност. Или дали постои опасност од дуализам?

Не може да има дуализам, не може да има преклопување. Ако сакате да влезете во колективните системи за безбедност, морате да ги хармонизирате, тие велат, вашите безбедносни стратегии, со оние на останатите земји членки, затоа што тие го третираат евро-атлантскиот простор единствен и кога ќе влезете да бидете членка во таков систем ги преземате и обврските да го чувате и браните тој простор и вредностите врз кои тие држави кои се членки почиваат. Значи, хармонизацијата на нашата стратегија е предуслов и се надевам дека во конкретната работа врз националната стратегија за безбедност ќе имаме и директна контрибуција од експерти на НАТО.
XS
SM
MD
LG