Достапни линкови

Жалење за неучеството на Георгиевски на лидерската средба


Жалам поради отсуството на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски од вчерашната средба на потписниците на рамковниот договор, рече евро-пратеникот Алексис Брунс, додавајќи:

„Контактирав со него два-три пати откако се врати од Кина. Се обидував да го убедам колку е важно тој да присуствува. Се надевав дека на лидерската средба ќе дојде претставник на партијата, но тоа не се случи. Сепак, јас и натаму верувам дека вратата за присуството на ВМРО на овие средби е отворена,“

рече Брунс.

Тој најави дека неговите напори за убедување на најголемата опозициона партија да се врати на средбите на лидерите нема да престанат.

„Ќе се обидам да се сретнам со нив и да ги информирам за резултатите на лидерската средба и да ги продолжам моите напори да ги убедам дека треба да останат во овој процес.“

Според Брунс, ова, првенствено поради тоа што отсуството од парламентот и замрзнувањето на подготвеноста за спроведување на рамковниот договор е политички погрешен потег токму за најголемата опозициона партија.

„Убеден сум дека тие ќе сфатат дека е навистина од нивен интерес да му се вратат на парламентарниот процес како и на средбите на лидерите.“

Од ВМРО, за сега, на овие сугестии без конректен одговор.

„ВМРО-ДПМНЕ е една одговорна и сериозна политичка партија која што смета дека сето она што е потпишано треба да се реализира. Но, основниот предуслов за спроведувањето на рамковниот договор беше дека тој ќе донесе целосен мир, дека ќе донесе конкретен суверентитет на македонската територија, дека на крајот на краиштата тоа ќе значи и враќање на прогонетите лица во нивните домови. Така што, ете имавме лидерска средба на 26-ти декември, на неа присуствуваа оние што присуствуваа и останува да видиме какви ќе бидат состојбите на теренот после оваа лидерска средба,“

изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев.
XS
SM
MD
LG