Достапни линкови

Непреземањето мерки ги охрабрува терористите


Бомбашките напади насочени против недолжни граѓани, не може да се карактеризираат на друг начин освен како терористички, иако криминалот и политичко-социјалните проблеми во една држава може да бидат причина за такви дела, смета директорот на невладината организација „Центар за безбедност и политика“ Димитар Мирчев.

Коментирајќи го последниот бомбашки напад во Куманово, при што едно лице загина, а неколку беа повредени, професорот Мирчев вели:

„Мислам дека нема во овој момент никакви социјални или политички корени за такви дејствија кај нас и дека се помалку ќе ги има, меѓутоа воопшто не ја исклучувам можноста да има и понатаму инциденти. Во секој случај треба апсулоутно усогласена, координирана акција против тероризмот во Македонија, во регионот и пошироко.“

И многу поголеми земји од нашата, вели Мирчев се соочуваат со вакви напади и затоа потребно е:

„МВР ефикасно да се оспособи и организира за борба против тој вид на тероризам. Кај нас мислам дека сеуште не се оспособени, не се доволно опремени и што е многу битно кај нас би требало ефикасност да има не само во осудите, туку и во преземање акции.“

Досегашното нерасветлување на 30-тина бомбашки напади со кои се соочуваше нашата земја, особено главниот град минатата и оваа година, им дава храброст на поединци и радикални групи да продолжат со вакви напади, е ставот на професорот Мирчев:

„Нашата полиција, до сега покажа дека нема капацитет ефикасно да се соочи со тероризмот и мислам дека итно треба да се преземат мерки, затоа што непреземањето мерки ги охрабрува терористите. Се работи не само за мерки, туку и за една подруга казнена политика, меѓутоа и за социјална акција која не се сведува само на гонење на терористи.“
XS
SM
MD
LG