Достапни линкови

Реафирмирана определбата за целосна и брза имплементација на Договорот


Политичките лидери и владата на Република Македонија ја реафирмирале определбата за целосна и брза имплементација на рамковниот договор, која според нив би придонела за зацврстување на стабилноста на државата и нејзиното приближување кон ЕУ и НАТО.

Учесниците на средбата, Црвенковски, Алити и Џафери, како и вице премиерите Муса Џафери, Петар Гошев и министерот за локална самоуправа Александар Гештаковски во придружба на евро-пратеникот Алексис Брунс и американскиот амбасадор Лоренс Батлер го разгледале и владиниот акционен план за имплементација на обврските од охридскиот договор и во врска со законите од областа на децентрализацијата на власта.

Според портпаролот на претседателот Трајковски, Борјан Јовановски договорено е:

„Целосниот трансфер на надлежностите од членот 22 од законот за локална самоуправа, треба да се реализира до 2004-та, односно до следните локални избори. Владата на Република Македонија, во јануари ќе донесе нацрт оперативен план за децентрализација.“

Додека останатите закони, кои не се поврзани со децентрализацијата на власта:

„Треба да бидат донесени од собранието на Република Македонија кон крајот на јуни 2003-тата. Одредени закони ќе бидат донесени и порано. На следната средба во јануари, ќе биде дефинирана листата на овие закони и точните рокови за нивното донесување,“

изјави Јовановски.

Од страна на учесниците било изразено жалење поради неучеството на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски, со надеж дека оваа партија и понатаму опстојува на определбите за имплементација на рамковниот договор.
XS
SM
MD
LG