Достапни линкови

Кукавички напад на налудничав човек


МВР и локалната самоуправа ќе преземат интензивни активности за разоткривање на случајот, за што бараме целосна соработка и од граѓаните, рече градоначалникот на Куманово Слободан Ковачевски, по состанокот со министерот за внатрешни работи, за одбрана, амбасадорите на НАТО и ОБСЕ во Република Македонија и други, поради експлозијата пред гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово во која животот го загуби едно лице, а петмина беа повредени и додаде:

„Го осудивме овој гнасен чин, сите коишто бевме присутни на овој состанок. Се заложивме сите заедно да работиме да го сочуваме мирот во општината Куманово.“

Министерот за внатрешни работи Хари Костов инцидентот го оцени како:

„Акт на налудничав човек и кукавица. Провокација во школо во коешто постојат 500 ученици во попладневната смена, да се поставува бомба на самиот влез на школото, неможе никако на друг начин да се оцени освен како налудничава идеја.“

За амбасадорот на ОБСЕ Крег Џенес ова е:

„Кукавички чин направен од некој кој не е пријател на никого во оваа земја. Охрабрен сум од состанокот, поради едногласноста на присутните за неполитизирање на овој чин, особено од почит кон семејствата на загинатиот и повредените,“

рече Џенес.

И за амбасадорот на НАТО Николас Бигман се работи за кукавичлак, насочен против мирот и мултиетничката средина во овој град:

„Не го знаеме мотивот и сторителот, па не се знае против кого треба да се реагира што би било награда за вистинскиот сторител, кој и да е. Се надевам дека Куманово ќе ја сочува својата репутација,“

изјави Бигман.

Екипите за анти-тероризам на МВР и денеска вршат увид на местото на настанот, а во гимназијата е прекината наставата.
XS
SM
MD
LG