Достапни линкови

Задоволство во ССМ, различни ставови на синдикалците од компаниите


Владата и синдикатот го потпишаа социјалниот договор. Доколку се реализираат презементие обврски, благодетите ќе треба да ги почувствуваат директно работниците. По ова прашање, синдикалните лидери кои доаѓаат од различни компании, со различни ставови. Со право, до сега многу пати се изгорени од ветеното и потпишано на ова ниво.

„Ние секако дека сме песимисти. Веќе неколку пати сме изложени на такви ветувања и сепак ќе очекуваме нешто да се реализира и тогаш да кажеме дека се случи добра работа,“

вели Димче Стојменовски, синдикален лидер на рударите од рудникот „Саса“.

Мора да се надеваме, друга алтернатива немаме е ставот на Зоран Ајдановски, синдикалец од „Македонски железници“

„Добро е да има еден таков социјален пакет, каде што на некој начин ќе бидат згрижени тие работници. Да се надеваме, јас сум оптимист дека тоа навистина ќе профункционира.“

Не треба да се очекува дека социјалниот договор ќе ги реши сите проблеми на работниците. Може да ни се случи во одреден период да се почуствуваме изневерени, коментира Љубица Лешниковска претседател на синдикатот на „Нова Македонија“.

„Преку ноќ, сигурно не ќе може се да се реши, но барем се што е можно да се направи, тоа ќе биде за почеток доволно за барем малку да се стабилизира оваа состојба и да не оди уште подолу.“

Единствен услов да успее овој социјален договор е да се резлизира главната обврска, а тоа е да се донесе законот за загубарите, кој го регулира статусот на лицата кои ќе останат без работа по својот 25 годишен стаж, вели Стојче Крствески, синдикален лидер во Југохром.

„Мислам дека тие мора да го донесат тој закон, зашто само со тој закон се решаваат поголем дел од загубарите.“

Според пресметките за реализација на оваа обврска, во наредните десет години на владата ќе и бидат потребни околу 57 милиони евра. Од владата најавуваат, со или без ММФ, алтернативно решение мора да најдеме:

„Владата на Република Македонија му пристапува и го потпишува овој договор, решена максимално сериозно и одговорно да се однесува кон сите обврски,“

е ставот на премиерот Бранко Црвенковски. Од потпишаниот социјален договор, најзадоволни се во ССМ.

„Ова е историски документ меѓу синдикатот и владата.“

Во наредниот период останува владата да го спроведе ветеното, а синдикатот да контролира, колку преземените обврски се спроведуваат доследно, за потоа да не биде доцна.
XS
SM
MD
LG