Достапни линкови

Нормална работа, нема потреба од паника


Барање за покренувања на ревизии во агенцијата за приватизација пристигнуваат секојдневно. Министерот за економија Илија Филиповски констатираше дека имаме добиено над стотина барања за контрола на процесот на трансформација во компаниите. Ревизијата е нормална работа и не треба да создава паника е ставот на економскиот експерт Душан Вељковиќ.

„Ако малку подобро се анализира ќе се види дека сега се јавуваат како критичари на оваа ревизија еден голем дел од оние кои сакаат да создадат атмосфера на божемно прогонување, божем враќање назад, поништување на таа општа ориентација за приватизација.“

Започнатиот процес на ревизија сигурно дека нема да ги обесхрабри инвеститорите, ниту домашните, ниту странските, чие процентуално учество во македонската економија е многу помалку отколку што се тврди, коментира Вељковиќ.

„Земете само еден дел од податоците од кои земји се уплаќаат средствата на дел од извршените приватизации со учество, на така наречен, странски инвеститор. Во тавки случаи се испоставува дека парите доаѓаат од земји кои се познати како пералници на пари.“

Лошо замислениот процес на приватизација, како и неиздржаните членови во законите кои ја регулираат оваа област е еден од главните виновници за вискоит степен на криминални приватизации.

„Има случаи на приватизации, кога тие наводно биле тендерски, а во суштина се изигрува тендерот и лицитацијата како една организирана форма да се постогне најдобра цена. Потоа, да речеме можностите со подзаконските акти, со кои се даваат огромни попусти.“

Останува отворено прашањето колкав процент од криминалната приватизација, државата ќе може да поврати, со оглед на фактот дека добар дел од финансиските средства се надвор од границите.

„Средствата што се ограбени, ако се наоѓаат во земјата уште некако ќе може да се изврши нивно враќање. Меѓутоа, многу потешко ќе биде за оние средства кои се во странство и се ставени во оние механизми на пералници на пари.“

Нова Македонија, Газела, ФАС 11 Октомври, Тутунски Комбинат Куманово, Трудбеник Охрид, Киро Чучук, Лозар, се само дел од компаниите во кои веќе е започната или е најавено започнување на ревизија на процесот на приватизација.
XS
SM
MD
LG