Достапни линкови

Владата и синдикатот утре ќе го потпишат социјалниот договор


Владата и синдикатот во попладневните часови конечно се договорија; разликите се испеглани, а датумите кога треба да се реализираат преземените обврски се утврдени.

„ Преговорите со Владата завршија, останаа само многу мал број на прашања кои најверојатно во текот на денешниот ден ќе се решат, а не се многу битни за текстот на социјалниот договор“ – вели шефот на кабинетот на претседателот на синдикатите на Македонија Мато Симоновски.

Со исполнувањето на дел од обврските Владата може да се зафати веќе од утре, а некои обврски ќе се реализираат заклучно со 2003-та година. Законот за загубарите ќе биде реализиран по склучувањето на фејсал аранжманот со Меѓународниот монетарен фонд. Овој закон би важел за сите оние кои ќе останат без работа доколку нивната фирма биде ликвидирана, без разлика дали во овој момент нивните компании се влезени во списокот на загубарите.

„ Ако би донеле закон за загубарите само за овие 7.500 работници, предочено ни беше и од страна на Владата, а и ние во Сојузот на синдикатите увидовме дека ваков парцијален закон само за една категорија на граѓани најверојатно со покренување иницијатива од другата страна, тој закон би паднал на Уставен суд“.

Најава дека договорот ќе биде потпишан стигна и од министерот за труд и социјална политика Јован Манасиевски:

„Сите можни пречки за потпишување на договорот се отстранети и очекувам в петок премиерот и претседателот на Синдикатот го потпишат овој социјален договор“.

Социјалниот договор во текот на утрешниот ден ќе биде потпиѓан од страна на првиот синдикалец Муратовски и премиерот Црвенковски.
XS
SM
MD
LG