Достапни линкови

ЌЕ ПРОДОЛЖАТ ВРАБОТУВАЊАТА НА АЛБАНЦИ ВО ПОЛИЦИЈАТА


Следната недела ќе бидат изнесени прецизни информации за бројот на полицајците Албанци кои ќе бидат вработени и условите под кои ќе се врши нивното регрутирање – информираат во Министерството за внатрешни работи:

„ Конкурсот за полицајци е веќе затворен. Пријавени се онолку колку што се пријавени. Имаме обврска за прием на 600 нови, што е во рамките на обврските предвидени со рамковниот договор, односно до 2003 година треба да бидат обучени околу 1000 нови регрути“ – вели портпаролот на МВР Мирјана Контевска.

Во меѓувреме, партиски став на ВМРО-ДПМНЕ е дека конкурсот за вработување на полицајците Албанци времено треба да биде стопиран:

„ ВМРО-ДПМНЕ ќе побара запирање на неодредено време на конкурсот за прием на 600 етнички Албанци. Конкретно, за што се работи? Секојдневните напади врз патролите на АРМ, пукањето врз безбедносните пунктови и другите злодела се во функција на етничкото чистење на Македонците од нивната сопствена држава“ – аргументира портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев.

Но, во МВР не гледаат причини за ваквите стравувања:

„Не гледам посебни безбедносни причини за еден таков процес да биде прекинат“.

Позицијата на ВМРО-ДПМНЕ е дека приемот на Албанците во полицијата не оди во прилог на подобрувањето на безбедносната состојба во Македонија, според Контевска е погрешна:

„Баш напротив, треба повеќе да ги образуваме полицајците за да не доаѓаме во такви ситуации“.

Од друга страна, портпаролот на ДУИ Ермира Мехмети сугерира дека не би требало да постојат стравувања во јавноста дека со приемот на Албанци би можело да дојде до истиснување на нивните македонски колеги при вработувањето:

„Истото прашање се поставуваше и во случај кога се прифаќаа само етнички Македонци коишто можат да ги вршат задачите на полицајци“.

Инаку, тренингот на полицајци Албанци кои треба да бидат вработени во МВР започна минатата година по потпишувањето на рамковниот договор во Охрид.
XS
SM
MD
LG