Достапни линкови

АКЦИОНЕН ПЛАН ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ОХРИДСКИОТ ДОГОВОР


До крајот на годината или до почетокот на идната, Владата треба да го усвои Акциониот план за спроведување на рамковниот договор – изјави за Радио Слободна Европа вицепремиерот Муса Џафери, кој заедно со министерот за локална управа Александар Гештакоски се назначени за координатори на овој план. Планот ќе содржи редослед и рокови за реализирање на преостанатите обврски од договорот, а доколку добие владина виза пред 26-ти, за него ќе се расправа и на веќе закажаната лидерска средба на потписниците на охридската спогодба.

„Се работи за политичка и практична определба на Владата. Сметаме дека е време да се премине на практичниот дел на реализирање на обврските кои произлегуваат од рамковниот договор и во оваа насока да се конкретизира идејата за формирање комисии, односно владино тело што ќе ги координира овие проекти за до крајот на годината или, евентуално, почетокот на идната, овој план да биде усвоен од страна на Владата и конкретно да се знае во која временска фаза ќе се реализираат обврските од Охридскиот договор“ – изјави вицепремиерот Муса Џафери.

Застој во имплементацијата на рамковниот договор има. Но, тоа не е поради недостаток на политичка волја, смета професорот по Уставно право Саво Климовски:

„ Работите одат бавно од повеќе причини. Една од причините беа изборите, а втората причина е секако тоа што не се реализирани мерките на довербата. Зашто, сепак, овој устав беше сведен на двостран договор меѓу два субјекта и во тој договор свесни сме дека се уште има сили коишто настојуваат тоа да не се реализира“.

Ресорните министри веќе добиле задача од Владата да подготват преглед на обврските од договорот, кои потоа ќе се обединат во план на Владата – вели Муса Џафери кој очекува имплементацијата на останатите закони да помине без поголеми потешкотии:

„ Политичките субјекти кои го потпишаа Охридскиот договор, обврзани се да го почитуваат, бидејќи тоа го направиле доброволно а зад него стои и меѓународната заедница. Со исклучок на некои партии кои ќе се обидат да го опструираат овој процес, јас не гледам и нема простор тие да се спротивстават на имплементацијата на рамковниот договор“ – изјави вицепремиерот Муса Џафери.
XS
SM
MD
LG