Достапни линкови

Учениците Македонци тргнаа на училиште, но во друго село


Учениците-Македонци од Шемшево денеска тргнаа на училиште, но не во своето село туку во Сиричино, затоа што и покрај договорот се уште не е тргната бистата на Јумно Јонузи од пред влезот на училиштето во нивното село. Решение и натаму се очекува од македонската влада

За учениците Македонци од основното училиште во Шемшево 16 декември има значење како и 1 септември за останатите ученици од тетовско. Имено, учебната година за околу 200 ученици од шесте села Студенце, Сиричино, Ратае, Жилче, Прељубиште и Шемшево почна денеска во 7:30 часот во подрачното училиште во Сиричино. Како што беше договорено на последната средба на иницијативниот одбор на родителите, децата почнаа да следат настава во импровизирани училници кои се адаптирани од страна на месното нааселение. Основците од вишите паралелки од Шемшево ќе одат на училиште претпладне, додека попладневните часови се резервирани за учениците од подрачното училиште во Шемшево. По вториот поминат час во оваа година, еве што вели еден од осмоодделенците:

„Јас сум многу среќен затоа што по толку чекање го одржавме нашиот прв училишен час, но ќе бев уште посреќен ако него го одржевме во село Шемшево.“

Иако на овој ученик му е важно школувањето да го продолжи во своето матично училиште во село Шемшево, последниот збор треба да го даде владата на Република Македонија, од која иницијативниот одбор очекува да пресече на денешната седница. Инаку, за учениците кои треба да патуваат од страна, на иницијатива на Иницијативниот одбор, е направен договор со директорот на Јавното автотранспортно претпријатие „Полет“ за организиран автобуски превоз до училиштето во Сиричино и назад до нивните домови. Моментниот став на Иницијативниот одбор е или донесување компромисно решение со основен предуслов – отстранување на бистата на Јумни Јонузи од училишниот двор во Шемшево, или затворање на училиштето. Додека ставот на дел од месното население во Шемшево е изградба на спортска сала, по што би следела и дислокација на бистата пред новоизградениот објект.
XS
SM
MD
LG