Достапни линкови

Една четвртина од населението е сиромашно


Една четвртина од населението во Македонија е сиромашно, а според светските стандарди целата држава влегува во зоната на сиромашни земји. Најголемиот процент на сиромашни лица се евидентирани во старосната група од 16 до 24 години, додека според степенот на образование, лицата со незавршено образование се најмногубројната група која живее под нивото кое значи обезбедување на нормална егзистенција.

Проблемот е исклучително тежок, но со него ќе мора да се справиме е ставот на министерот за финансии Петар Гошев:

„Недовршените реформи и длабинските структурни промени, се уште генерираат сиромаштија. Ранливата политичко-безбедносна ситуација го подигна тнр. безбедносен ризик за бизнис во нашата држава и тоа, се разбира, се уште генерира низок раст и сиромаштија. И едното и другото генерираат невработеност, сиромаштија, инвестициона инсуфициентност.“

Создавањето клима за влез на странски инвестиции, борбата против корупцијата, како и развојот на приватниот сектор ќе бидат главните пунктови кои ќе овозможат борба против злото наречено сиромаштија.

„Упорно, долгорочно одржување на макроекономска стабилност. Тоа значи дека ќе водиме политика на ниска, контролирана инфлација, релативно стабилни цени и политика на стабилен и реален девизен курс,“

вели Гошев.

Имплементирањето на веќе усвоената стратегија за борба против сиромаштијата финансирана од светската банка и холандската влада мора да дадат резултати е ставот на заменик директорот на светската банка за Македонија Енрика Јергенсон.

„Светската банка во овој процес е од самиот почеток. Го следиме и ги очекуваме добрите резултати што овој процес треба да ги даде во иднина.“

На потег е владата која до светската банка мора да понуди квалитетни проекти кои ќе значат излез од сиромаштијата. Од банката сугерираат, ќе бидат профатени проекти кои ќе создаваат услови за функционирање на економијата, малите и средни претпријатија, здравството и образованието.

Конечниот одговор ќе пристигне во мај 2003 година кога бордот на директори на Светската банка ќе ја усвои тригодишната програма.
XS
SM
MD
LG