Достапни линкови

logo-print

Хари Костов не е компетентен да зборува за „Лавовите“


Припадниците на единицата за брза интервенција „Лавови“ денеска најавија дека ќе одржат прес конференција во откако вчера министерот за внатрешни работи Хари Костов излезе со став оти од околу 1,600 припадници на „Лавовите“ само девет ги исполнуваат условите за прием во оваа единица.

Во меѓувреме, поранешниот министер за внатрешни работи и човекот кој беше еден од создавачите на оваа единица Љубе Бошковски за Радио Слободна Европа изјави оти одговорноста за судбината на овие луѓе не треба да ја преземе тој туку актуелната влада:

„Во ниеден момент не чувствувам одговорност во смисла на тоа дека јас сега треба од оваа позиција да го решам проблемот на лавовите. Чувствувам гордост, чувствувам одговорност преку парламентот до крај се борам и не ги заборавам македонските синови.“

Бошковски ги отфрли посочувањата на Костов дека од страна на претходното раководство на МВР само на неколкумина „Лавови“ им е регулиран правниот статус.

„Не го сметам компетентен Хари да зборува, бидејќи тој не е учесник во татковинската војна.“

Наместо да ги распушта „Лавовите“ оваа влада според Бошковски треба да ја реализира идејата што ја најавуваше претходната влада „Лавовите“ да бидат трансформирани во погранична полиција.

Имајќи на ум дека компетентноста на оваа единица за која тој вели дека е негова гордост сега ја има новото раководство во МВР, тој во врска со натамошната судбина на овие 1,600 луѓе вели:

„Ќе мораат да причекаат да се вратиме на власт.“
XS
SM
MD
LG