Достапни линкови

Ново, компромисно име


Проблемот со името на ОУ во Шемшево кое првобитно се именуваше „Даме Груев“, а потоа беше преименувано во „Јумни Јонузи“ е решен според компромисниот модел што го предложи владата, а тоа значи оти училиштето ќе се нарекува според името на селото.

„Училишниот одбор побара и официјално промена на училиштето, во ОУ Шемшево, министерот информира дека Министерството за образование веднаш дало согласност. Истовремено министерот Положани информираше дека таблата е тргната, и дека веќе се поставува двојазична табла со името на училиштето, ОУ Шемшево.“

Портпаролот на владата Сашо Чолаковски додаде дека сеуште останува отворено прашањето за дислоцирање на бистата на Јумни Јонузи која се наоѓа во дворот на училиштето, но оти овој проблем брзо треба да биде надминат.

„Владата ги задолжи министерството за образование и министерството за транспорт, во соработка со училишниот одбор, во најкус можен рок да ја утврдат новата локација за дислокација на бистата со што би се избегнала опасноста од евентуално затворање на училиштето.“

Основното училиште во ова село пет месеци работи надвор од законските норми, а учениците Македонци отсуствуваат од настава. Според Чолаковски, наскоро сите ученици треба да се вратат на училиште оти одборите родителите на учениците Македонци и Албанци се согласиле со решенијата на владата. Тој додаде дека какви било други предлози нема да бидат прифатени, бидејќи како што додаде Чолаковски, владата нема да прави компромис за компромисот.
XS
SM
MD
LG