Достапни линкови

logo-print

Волшебна привчечност на Западот


Во изминатава декада миграцијата на квалификувани работници, позната како одлив на умови, силно ги зафати земјите од Југоисточна Европа каде што незаузданите социјални и економски проблеми, дури и војните се секојдневие. Дали така ќе биде и во иднина тешко е да се предвиди.

Членството на земјите во регионот во НАТО и Европската Унија, според очекувањата, ќе придонесе за зголемување на странските инвестиции, а со тоа и на бројот атрактивни работни места. Но и тогаш, велат експертите, ќе треба една деценија да се види дали тоа ќе биде доволно да згасне волшебната привлечност на Западот. Иако не постојат прецизни податоци, проценките се дека бројката на мигранти од Југославија, Бугарија и Романија во изминитиве 12 години изнесува милион луѓе. Според стручњаците, главни проблеми за тоа се невработеноста, лошите плати и секако пропаднатите очекувања. Во многу случаи, работниците – посебно младите и образованите, ги напушаат своите татковини бидејќи не веруваат дека наскоро таму ќе биде подобрена ситуацијата. Професор Андреј Марга, поранешен министер за образование во Романија вели:

„Неоспорно е дека младите луѓе ги напуштаат источноевропските земји како Романија не само затоа што сакаат поголеми плати, туку и затоа што не гледаат некаква перспектива.“

Миграцијата посебно ја зафати Југославија во текот на деведестите години. Поради тогашните војни стотици илјади млади луѓе во потрага по сигурност и работа ја напуштија земјата.

„Бројот на лицата кои емигрираа во прекуморските земји е 73 илјади. Вклучувајќи ја Европа и другите делови на светот во тој период околу четиристотини илјади луѓе ги напуштија Србија и Црна Гора. Меѓу нив околу триесет илјади високообразовани професионалци.“

вели Владимир Грециќ – професот на Економскиот факултет во Белград. Тој додава дека и овие бројки не се комплетни бидејќи во нив се вклучени само оние што легално ја напуштиле земјата. Емиграцијата во регионот е најзастапена меѓу професиите што најмногу му требаат – докторите, инжењерите и компјутерските програматори. Бугарија, земја со околу осум милиони жители и со стапка на невработеност од 18 насто, според статистичките податоци, во последниве десет години ја напуштиле над двесте илјади луѓе. Ганчо Стојчев , директор на меѓународната агенција за испитување на јавното мислење Галуп во Софија вели дека

половината од емигрантите се млади кадри, што длабоко се одразува врз бугарската економија:

„Повеќето од луѓето што си одат се високо образовани. Тоа ја погодува економијата бидејќи и самото нивно школување многу ја чини државата.“

наведува Стојчев. Професорот Марга пак, додава дека одливот на умови станува нормална појава во денешнината во која доминираат глобализацијата и Интернетот. Сепак, според него, странските инвестиции во Југоисточна Европа би можело донекаде да го спречат одливот и да помогнат за стабилизирање на локалните економии во регионот.
XS
SM
MD
LG