Достапни линкови

Уапсен заменик јавниот обвинител на Црна Гора


Црногорските власти деновиве го уапсија заменик јавниот обвинител на земјата под сомневање за вмешаност во трговијата со млади жени. Случајот е значаен бидејќи во Црна Гора во минатата деценија ниту еден официјален претставник не беше уапсен за организиран криминал.

Заменик јавниот обвинител Зоран Пиперовиќ е притворен со уште три лица како дел од истрагата за организирање проституција и трговија со луѓе. До ова дојде врз сведочење на една деветнаесет годишна Молдавка која избегала од нејзините газди. Според црногорските весници, специјалните полициски сили по исказот на молдавката во еден стан успеале да пронајдат и скриена камера со компромитирачки ленти. Црногорскиот национален координатор за борба против трговијата со луѓе Владимир Чејовиќ вели:

„Трговијата со луѓе е еден од најголемите проблеми со кои се соочува меѓународната заедница. Овој проблем сигурно ќе биде под будно око на сите меѓународни институцуии кои работат на просторите на Црна Гора.“

Поради геополитичката позиција Црна Гора служи како голем центар за шверц со оружје, дрога, алкохол, цигари, нафта, коли и бегалци. Новиот премиер и поранешен шеф на државата Мило Ѓукановиќ е под истрага од италијанскиот магистрат за неговата улога во недозволена трговија со цигари во почетокот на деведестите години. Оваа година црногорските власти обвинија 29 лица за вклученост во трговијата со луѓе и за организирање проституција. Исто така, скоро 46 странски државјанки полицијата ги има вратено во нивните земји – пред се во Молдавија, Бугарија, Украина и Русија. Но, се до неодамнешото апсење на Пиперовиќ, црногорските власти немаа обвинето ниту еден официјален претставник за вмешаност во организиран ктриминал. По се изгледа, сметаат експертите, ова полека се менува особено поради притисокот на меѓународната заедница. Министерот за правда Жељко Стурановиќ ветува дека осомничените, без разлика за кои станува збор, ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

„Вие знаете дека Министерството за правда во текот на оваа година го измени кривичниот законик и создаде правни претпоставки со кои и сторителите на такви кривични, значи и на трговијата со луѓе се процесуираат.“

Тој додава дека Црна Гора мора да покаже дека е решена да се бори против трговијата со луѓе. Во невладините организации во Подгорица се сомневаат во ваквите заложби на властите. Небојша Медоевиќ од Групата за промени вели:

„Нашето законодавство и правосодство, според онаа стара приказна, е една мрежа која ги пропушта крупните, а ги фаќа ситните риби. Ние од тогаш ја имаме оваа криза на институциите кои не функционираат според законот, туку по потреба и по инструкции на извршната власт, или многу често и на некои финансиски олигархии блиски до политичките олигархии.“

вели Медоевиќ. Според експертите, доколку најновиот случај во Црна Гора се води сериозно, тогаш уште многумина официјални претставници ќе се најдат под истрага.
XS
SM
MD
LG