Достапни линкови

logo-print

Раселените лица да се вратат во домовите


Сите раселени лица од поранешните кризни региони треба да се вратат во своите домови кога ќе бидат создадени услови за тоа, изјави премиерот Бранко Црвенковски по средбата што денеска ја оствари со Македонците од скопското село Арачиново, кои од владата бараат да им бидат изградени нови живеалишта во населбата Хиподром, што им беше ветено од претходната влада.

„Цел на оваа влада, цел за која што ќе се залагаме на која ќе работиме и од која што нема да отстапиме без разлика не тешкотиите и препреките со коишто ќе се соочуваме и на времето што ќе биде потребно, е сите овие луѓе наши граѓани да се вратат во нивните сопствени домови во населбите во коишто живееле со години и децении наназад. Она што за оваа влада е непрефатливо е да поддржува предлози или проекти коишто било на среден било на долг рок, би значеле всушност оддалечување од оваа цел, како што е на пример, изградба на нови населби.“

Меѓутоа арачиновци подеднакво категорично одговараат дека за нив нема иднина во тоа село и додаваат оти случајот ќе го изнесат пред македонските и меѓународните судови.

„Ќе бараме од државата, според законот за облигации треба да бидеме обештетени, тоа ќе го бараме од државата. Доколку овде не го добиеме спорот, излегуваме надвор пред меѓународните судови,“

изјави Јана Петрушевска од Арачиново, претседател на Здружението „Зора“. Аргументите за невраќање во селото тие ги темелат на примерите со кои се сретнувале кога одвреме навреме ќе го посетат Арачиново.

„Во Арачиново, кажете зошто на одумдесет годишен човек, пчовратник во селото му однесоа две крави и трактор. Ни полицијата не ја интересира каде отидоа тие.“

Градоначалникот на Арачиново Решат Ерафи со резерва ги прима кажувањата на Македонците оти Албанците глумат соживот, а дека крајна цел е да ги протераат Македонците.

„Зора сака да профитира врз грбот на тие граѓани коишто навистина јас ги жалам.“

Членовите на Зора ги отфрлаат обвинувањата на градоначалникот дека крајната цел на нивното барање за изградба на куќи во друга населба било да обезбедат профит за себе.
XS
SM
MD
LG