Достапни линкови

Јован Манасиевски, министер за труд и социјална политика. Актуелната социјална карта во Македонија катастрофална


Каква е актуелната социјална карта на Македонија?

Катастрофална. Според последните испитувања 23 отсто од населението живее под линијата на сиромаштијата, онака како што е дефинирано од Државниот завод за статистика, а е дефинирана прилично скромно, што значи дека во стварноста таа бројка дури е поголема. Од наспект на она што навистина е поразително, е дека моето министерство е еден од најголемите буџетски потрошувачи: 22,5% од државниот буџет се троши преку социјални трансфери низ Министерството за труд и социјална политика. За последниот месец дури 82.000 семејства примаат социјална помош, значи над 20% од вкупниот број семејства во државата; 49.000 бивши работници коишто се жртви на структурните реформи и коишто по низа основи примаат надомест. Исто така, се вртат бројки уште на илјадници приматели, така што всушност еден огромен дел од популацијата е така да кажам пациент на ова министерство.

Што ќе преземете за надминување на ваквата состојба?

Она што јас како министер ќе се обидам да го направам е заострување на критериумите. Тоа може да звучи нехумано. Меѓутоа, ние се наоѓаме на една пресвртна точка кога или луѓето ќе ги навикнеме да седат дома и да не се надеваат на ништо, да живеат со таа мизерна социјална помоѓ и воопшто да изгубат надеж дека можат да најдат работа и подобро утре, или малце да создадеме една тензија во системот и преку создавање на активни, креативни програми, еден сериозен дел од тие луѓе што се на социјална помош да најдат соодветно работно место. Моето министерство подготвува некои решенија во таа насока и се надевам дека пред новогодишните празници или веднаш по новогодишните празници ќе поминат низ владата и ќе бидат доставени до парламентот. Значи, бидејќи државата и така и така дава огромни пари за социјална помош, смислата на тие решенија е тие пари да бидат дадени во вид на субвенции или олеснувања на работодавачите и тие да бидат мотивирани да ги примаат на работа луѓето кои веќе се на социјална помош. Значи, поентата е буџетски да не правиме никакви дополнителни трошоци, само да извршиме трансфер на трошоците од делот за социјална помош во делот за продуктивно работно ангажирање.
XS
SM
MD
LG