Достапни линкови

Работниците ги бараат своите права


Сезоната на штрајкови започна. „Саса“, Нова Македонија“, „Газела“, „Алумина“, „Типо“, „Македонија Табак“ се само дел од компаниите каде работничкото незадоволство кулминираше со изразување на протести против, новите сопственици, актуелниот менаџмент или државата во фирмите каде таа се наоѓа како доминантен сопственик.

Тврдењата на одредени структури дека дел од штрајковите што се активираа последните петнаесетина дена се и политички мотивирани штрајкувачите ги отфрлаат како бизарни констатации.

„Рударите си го бараат своето, работа и плата за да може да се преживее. Ние во јамите не влеговме да водиме политика или некој да донесеме или однесеме од власт. Ние влеговме да си го сочуваме рудникот и да обезбедиме пари за нашите деца,“

е ставот на Димче Стојменовски претседател на синдикатот на рударите на „Саса“. Празниот стомак не може да чека да се конституира новата влада, или пак на новиот сопственик да му тргне бизнисот кон подобро за да ни ги исплати месечните примања или пак немо да го следи раскрчмувањето на работничкиот акционерски капитал.

„Платите не се исплатени за месец и половина. Придонесите не се исплатени од деветти месец 97-ма година. Сините картони не се земаат редовно,“

вели Тоде Симовски претседател на синдикатот на ИГМ Типо. Непочитувањето на превземените обврски од страна на новиот газда кон вработените е единствената вистинска при6ина за штрајкот во „Газела“ тврди Насо Димовски претседател на синдикатот на оваа компанија.

„Треба да ги задржи сите работници, тој постепено од 15-ти септември наваму, кога се смени власта почна луѓето да ги испушта на принуден.“

Не е точно дека штрајкувачите на „Нова Македонија“ ги протеруваат странските инвеститори, од едноставна причина што во „Нова Макеоднија“ нема влезено странски капитал е ставот на првиот синдикалец на оваа куќа Ленче Лешникова.

„Станува збор за една екипа на луѓе кои она што го правеле во Словенија сакале да го направат и со Нова Македонија, всушност не за инвестирање, туку за распродажба на имотот на НИП Нова Македонија.“

Од доесега започнатите штрајкови, ниту еден штрајкувачки одбор барем во блиска иднина не најаува прекин. Правните експерти советуваат, во моментов на потег е правната држава, од нејзината правилна и навремена интервенција ќе зависи и расплетот на веќе започнатото штрајкувачко елдорадо.
XS
SM
MD
LG