Достапни линкови

Македонија бара да не биде заборавена за идно членство


Генералниот секретар Џорџ Робертсон, поздравувајќи ги лидерите на 46-те земји побара измени на Партнерскиот совет со цел тој да стане инструмент на заедничките интереси како што е битката против тероризмот. ,,Треба да ги оставиме традиционални улоги и во целиот процес да внесеме нова содржина,, - изјави Робертсон. Американскиот претседател Џорџ Буш оцени дека партнерството со НАТО ќе ја зајакне стабилноста и безбедноста во сите земји.

„Соединетите Држави го подржуваат партнерството со Русија и со земјите од Партнерството за мир. На тој начин се промовираат мирот и демократијата а се зајакнува и безбедноста во Евро-атланскиот регион.“

Македонскиот претседател Борис Трајковски на собирот изјави дека Македонија при идното проширување не бара да биде привилегирана без причини, но не сака ниту да биде заборавена. Претходно, во рамките на вториот и последен ден на НАТО самитот во Прага беше одржан состанок на Советот НАТО – Русија кој е формиран во мај годинава. Шефовите на дипломатиите на оваа средба разговараа за зголемување на соработката во борбата против тероризмот и во натамошните реформи во одбраната на двете страни со цел поподготвено да се соочат со идните закани по светската безбедност.

„Можам да ви кажам дека едно од главните прашања беше заложничката криза во Москва. Сите министри искажаа сочуство за цивилните жртви и солидарност со Русија во битката против тероризмот.“

Изјави Робертсон. Рускиот шеф на дипломатијата Игор Иванов рече дека Москва се залага за добри односи со сите соседи, кои треба да бидат засновани врз респектирањето на интересите на сите и позитиво го оцени функционирањето на Советот меѓу НАТО и Русија.

„И покрај тоа што Советот беше формиран неодамна, пред шест месеци, веќе се покажа дека е ефективен механизам за решавање на проблемите со кои се сретнуваат Русија и НАТО земјите.“

изјави Иванов. Тој поздравувајќи ја вчерашната одлука на НАТО да покани во полноправно членство уште седум земји наведе дека експанзијата, но и најавената трансформација на Алијансата се компатибилни со безбедносните интереси на Москва.
XS
SM
MD
LG