Достапни линкови

Седум земји од поранешниот советски блок поканети за членство


На денешниот почеток на, како што го нарекуваат, самитот на трансформацијата на НАТО, седум земји од поранешниот советски блок добија официјална покана да и се приклучат на Алијансата во две илјади и четврта година.

„На НАТО состанокот, тука во Северноатлантскиот Совет, ги покануваме на разговори за прием во НАТО следниве земји: Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија. Земам декa ова е договорено.“

изјави генералниот секретар на НАТО Џорџ Робертсон кој со тоа ја потврди и одлуката на Советот за ова најголема експанзија на Алијансата во нејзината пеесет и три годишна историја. Американскиот претседател Џорџ Буш ја поздрави одлуката додавајќи:

„Америка е многу задоволна од денешната одлука. Веруваме дека со тоа се засилува нашиот најважен сојуз – НАТО. Со приемот на седумте членки ние не само што ќе ги зголемиме нашите воени можности, туку и ќе го освежиме духот на оваа голема демократска алијанса.“

изјави Џорџ Буш. Поканата за прием на новите членки беше поздравена од сите учесници на самитот. Германскиот канцелар Герхард Шредер притоа рече:

„Верувам дека ние исто така ќе разјасниме како на вистински начин да го признаеме напредокот направен од Албанија, Македонија и Хрватска во нивните подготовки.“

По одлуката за проширување, на самитот се расправа и за американскиот предлог за формирање дваесет илјадни сили за брза реакција кои би можело за седум дена да бидат распоредени на која било точка во светот. Според американскиот претседател Џорџ Буш од голема важност за алијансата е да размислува и да дејствува глобално:

„НАТО од организација формирана да се соочи со заканите од Варшавскиот Договор мора да премине во воена организација структуирана да одговори на заканите од терористите во светот.“

Денеска во Прага, како што најави генералниот секретар Џорџ Робертсон, лидерите на НАТО сојузниците ќе разговараат и за тоа што би презеле доколку Ирак не ја испочитува резолуцијата на Советот за безбедност и одбие да го уништи биолошкото и хемиското оружје. Делот од Прага – Конгресниот центар, каде што се одржува самитот е целосно затворен од полицијата. За таму денеска се најавени протести на анархистите и антиглобалистите. Неколку стотини од нив, иако се очекуваа илјадници, синоќа во стариот дел на Прага бучно протестираа против свечената вечера на претставниците на НАТО.
XS
SM
MD
LG