Достапни линкови

Самит на НАТО


Прага неделава ќе биде домаќин на НАТО самитот на кој се очекува одобрување на проширувањето на Алијансата со нови членки. Четириесет и пет шефови на држави или ќе дебатираат и за идните насоки на вака проширениот НАТО во контекст на светот по терористичките напади на 11-ти септември лани.

Само три години откако и се придружи на Алијансата, Чешка неделава станува првата посткомунистичка земја во која се одржува еден самит на НАТО. Прага амбициозно сака да демонстрира дека е подготвена за предизвикот: Околу дванаесет илјади полицајци и војници ќе ги чуваат двете илјади делегати и трите илјади новинари кои ќе дојдат за состанокот. Улиците во централниот стар дел на градот ќе бидат затворени за жителите на Прага, а авиони на американското воено воздухопловство ќе патролираат на небото над градот. Централен дел на самитот е проширувањето на НАТО. Но, како и претходниот во Вашингтон пред три години кој се одржа за време на Косовската кампања, и овој самит ќе биде во сенка на светските настани со што прашањето за проширувањето нема да биде и единствено. Воениот експерт Тимоти Гарден од Британскиот кралски Институт за меѓународни односи објаснува:

„Станува јасно дека проширувањето со уште седум земји е многу голема работа. Тоа пак го наметнува прашањето како ќе се менува НАТО во однос на американското фокусирање врз борбата против тероризмот и врз Ирак. Ни во едното, ни во другото НАТО нема вистинска улога. Затоа мислам дека дискусијата ќе биде насочена кон реструктирање нa Алијансата.“

НАТО е формиран во 1949 година со цел да ја задржи советската експанзија кон Европа – задача што успешно ја спроведуваше четири децении. Во последната декада по паѓањето на комунизмот и по распаѓањето на Советскиот Сојуз Алијансата е во потрага по унифицирана мисија. Интервенцијата на Косово беше првата офанзивна акција на НАТО и прв индикатор за новиот можен правец на Алијансата. Во светлината на минатогодишните напади во Њујорк и Вашингтон, Америка го притиска НАТО важен дел од неговата агенда да биде борбата против тероризмот и оружјето за масовно уништување.

„Во Прага, НАТО ќе открие голем дел од мерките во борбата против тероризмот,“

изјави неодамна генералниот секретар Џорџ Робертсон, додавајќи дека самитот ќе биде за можностите на Алијансата. Од секоја членка се очекува да каже каква конкретна помош може да понуди во војната против тероризмот. На состанокот ќе се разгледува и американскиот предлог за формирање дваесет илјадни сили за брз одговор. Дан Плеч воен аналитичар од Лондон верува дека Европа има финансиски извори да ги реструктуира своите сили за да се соочат со модерните предизвици.

„Европејците трошат голема сума со што се дуплираат воените системи. Тие не треба да трошат повеќе, туку тоа трошење да биде попаметно.“

вели Плеч. На прашкиот самит, освен белорускиот претседател Александар Лукашенко кому чешките власти не му одобрија виза поради кршењето на човековите права во неговата земја, нема да се појави и рускиот претседател Владимир Путин. Кремљ на негово место го испраќа шефот на дипломатијата Игор Иванов. И покрај затоплувањето на односите меѓу Русија и НАТО, путиновиот советник Сергеј Јастржембски деновиве изјави дека Москва и натаму е против проширувањето на Алијансата. Со нов аргумент:

„Мислиме дека моделот за ширење е базиран врз инерција. Апсолутно е јасно дека по првиот круг на проширување на НАТО, ни Чешка, ни Полска, ни Унгарија не станаа поефикасни во борбата против меѓународниот тероризам,“

рече Јастржембски, додавајќи дека антитерористичките можности на НАТО не можат да се постигнат само со механичка индукција на тие три земји.
XS
SM
MD
LG