Достапни линкови

САД се премислија околу НАТО мисијата во Македонија


Соединетите Американски Држави се премислија околу НАТО мисијата во Македонија. Под овој наслов ,,Фајненшнл тајмс,, објавува напис за односите меѓу Вашингтон и Брисел во светлината на најавените европски сили за брза реакција.

Соединетите Американски Држави неочекувано ги сменија своите забелешки за продолжувањето на воената мисија на НАТО во Македонија, пишува Фајненшл Тајмс, додавајќи дека на ваквиот чекор се гледа како на намалување на притисокот врз новата турска влада околу нејзиното противење да и дозволи на Европската Унија да ги користи средствата на Алијансата. Дипломатите велат дека со овој чекор е прекорена Франција која бараше Европската Унија да ја преземе мировната операција во Македонија од идниот месец и оти ги минира европските планови за покренување сопствени воени мисии. Одлуката за продолжувањето на НАТО мисијата во Македонија формално треба да биде прифатена од Алијансата во наредните денови, односно, како што се наведува, пред нејзиниот самит во Прага и пред самитот во Копенхаген за проширувањето на Европската Унија, а на кој во фокусот на внименито ќе бидат Турција и Кипар. Имено, според Фајненшл Тајмс, на состанокот во Копенхаген, Реџеп Ердоган кој победи на неодамнешните избори во Турција имал намера да игра на две карти во обид да ги убеди европските лидери да и дадат на Анкара некакви гаранции за датумот на започнувањето на преговорите за асоцијација со Турција. Првата е за тоа дали Анкара ќе ги прифати новите предлози на Обединетите Нации за крај на 28 годишната поделба на Кипар. Втората е дали Турција како членка на НАТО ќе дозволи европски пристап кон средствата на Алијансата. Без ваквиот договор, наречен Берлин Плус, европејците веќе неколку месеци - блокирани и од Турција и од Грција – не можат да ја преземат НАТО мисијата во Македонија која треба да претставува прв тест за европската безбедносна и одбранбена политика. Поради растечкото разочарување меѓу евро-членките Франција сугерираше дека европејците не треба повеќе да чекаат на договорот Берлин Плус и едноставно да ја преземат мисијата во Македонија. Фајненшал тајмс додава дека неочекуваната интервенција на Вашингтон значи и противење на француските амбиции околу заедничката европска безбедносна политика. ,,Соединетите Држави, Британија и некои други не сакаат Франција да прави преседан и во тоа да се оди без НАТО,,- вели еден неименуван претставник на Алијансата за Фајненшл Тајмс. Весникот притоа заклучува дека се додека Вашингтон сака НАТО, по 15-ти декември да остане во Македонија уште шест месеци, се дотогаш Европската Унија има мало влијание врз Анкара околу ова прашање.
XS
SM
MD
LG