Достапни линкови

Прв чекор кон исполнувањата на барањата


Ирачкото прифаќање на резолуцијата на Советот за безбедност е само прв чекор кон исполнувањето на условите што ги постави Светската организација спрема Багдад. Генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан по синоќешниот разговор во Белата Куќа со американскиот претседател Џорџ Буш оцени дека сега е важно што ќе биде сторено на теренот откако во Ирак ќе се вратат инспекторите за оружје:

„Господин Бликс и неговиот тим ќе се вратат. Oчекуваме тоа да биде на 18-ти овој месец и активно да ја започнe работата. Сметам дека не е само во прашање прифаќањето на резолуцијата. Поважно е што ќе биде сторено на теренот.“

изјави Анан по разговорот со претседателот Буш кој пак, заблагодарувајќи му се на Советот за безбедност за усвојувањето на резолуцијата, рече дека светот сега очекува од Багдад да се разоружа. Со резолуцијата, како што е познато, се бара од режимот на Садам Хусеин да дозволи инспекција на сите сомнителни арсенали или ќе се соочи со сериозни консеквенци. Портпаролот на американскиот Стејт Департмент Ричард Баучер го повтори тоа додавајќи:

„Резолуцијата е дел од меѓународното право од денот кога помина. Ирак немаше друг избор отколку да ги прифати условите од резолуцијата. Ирачкото писмо е едно од тие барања. Следното е целосна кооперација со инспекторите.“

изјави Баучер. Првата инспекторска група се очекува да отпатува за Багдад в понеделник. Потоа, доколку бидат договорени сите чекори, на 25 – ти овој месец, за Ирак ќе замине инспекторски тим на Обединетите нации кој, како што е објавено во Сиднеј, треба да го предводи австралиецот Бил Џоли. Тој работеше во Комисијата на Обединетите нации за мониторинг, верификација и инспекција во Њујорк. Целосната инспекција на ирачките постројки, според предвиденото со резолуцијата, започнува на трети декември и ќе трае еден месец.
XS
SM
MD
LG