Достапни линкови

logo-print

Учениците се враќаат во училишните клупи


Околу 200 ученици од наставата на македонски јазик во основното училиште „Даме Груев“ од Шемшево кои сеуште не ја започнаа наставата во оваа учебна година најверојатно кон средината на оваа седмица ќе седнат во училишните клупи.

По средбата со премиерот Бранко Црвенковски, претставниците на иницијативниот одбор, соопштија дека е постигнат договор училиштето и понатаму да го носи името на Даме Груев. Безбедноста на учениците да се гарантира преку 24 часовно патролирање на етнички мешана полициска патрола и спорната биста да се премести на друго место.

200 ученици од паралелките од петто до осмо одделение, како и нивните родители со радост и олеснување ја примија оваа вест, со што како што велат се врати надежта во правниот систем и за опстојување на овие простори. Учениците на премиерот денеска јавно му се заблагодарија преку отворено писмо.

„За нас претставува голема радост самата помисла што повторно му се враќаме на училиштето, дека ќе се видиме со нашите соученици од сите села и оние кои во овие два месеца не одеа и оние кои одеа на настава. Ние сакаме да се дружиме и добро да живееме со сите, како што било и порано и како што треба да биде. Ние во овој крај живееме заедно и навистина нема друг избор, освен да живееме добро или да не живееме добро меѓу себе. Ние гласаме за тоа да живееме добро. Им се заблагодаруваме и на влијателните претставници на меѓународната заедница кои како што слушнавме работеле на тоа нашиот проблем да се реши. Ние сега сме деца, па можеби затоа најдобро знаеме да разликуваме добро од лошо. Затоа порачуваме дека не сакаме политиката толку рано да ни се вмешува во животите. Од неа добиваме само проблеми. Единствено што сакаме е да уживаме во детството, а детство без школо во светот во којшто живееме нема,“

се вели во отвореното писмо на учениците.
XS
SM
MD
LG