Достапни линкови

Амнестија за тие што ќе ги признаат своите малверзации


Не е точно дека владата на Георгиевски приватизирала само мал процент од неприватизираниот капитал во државата, тврди професорот на правниот факултет Тито Беличанец.

„Не е точно дека се работи само за 20 отсто, како што сакаше да каже премиерот. Ако од илјада фирми, на пример, петстотини биле по менаџмен бај аут и од нив триста го раскинале договорот, резидиумот на акциите го испродаде власта и тоа е сигурно 30-40 отсто.“

Уште пострашно е што еден дел од новопечените газди својот имот го стекнале на нелегален начин.

„Малверзациите настанаа со дисконтите и со откупот на тнр. блок акции, без јавно наддавање.“

Борбата против нелегалната приватизација не може да се води со постоечката законска регулатива. Неопходни се нови законски решенеија кои ќе ги амнестираат малите, а се со цел да се фатат големите риби, друго решение нема, тврди Беличанец.

„Како што можеше амнестија за политички чин, зошто не и за ова – да се донесе еден закон кој ќе ги амнестира сите оние кои ќе ги пријават зделките за кои сметаат дека ги направиле спротивно на законот. Многу е битно во расчистувањето на состојбите да соработуваат оние што партиципирале во транскациите.“

Треба да бидеме свесни и на фактот дека што и да направиме, комплетно исправање на досегашните грешки во процесот на приватизација нема да има.

„Доволно е новата власт да покаже дека кражбата, нечесноста е казнива. Да направиме еден пресврт во менталитетот и во нашето поимање на правото и праведноста. Не смее да се награди крадењето. Ако се направи тој тренд, тогаш кај сите граѓани ќе почне да се создава чувството на законитост, на парведност, на страв да се влезе во незаконска зделка.“

Главната причина за долгата приватизација, според професорот Беличанец е вградувањето социјални елементи во законот за приватизација.
XS
SM
MD
LG