Достапни линкови

logo-print

Почнати кадровските промени во вториот ешалон


Во некои министерства состојбата е катастрофална поради што е неопходно скенирање на затекнатото.

„Има министерства каде што воопшто се нема никаков увид во ситуацијата. Добивме информација дека министерството за образование е пред блокада на својата сметка. Во повеќе министерства има ургентни ситуации, за коишто буџетските средства се потрошени,“

рече по владината седница новиот министер за труд и социјална политика Јован Манасиевски. Тој најави и ревизија на досегашната пракса на трошење:

„Задолжени се службите на владата да изготват повеќе различни акти со коишто дел од привилегиите и луксузирањата што си ги дозволила претходната влада ќе бидат укинати. Тоа се акти што го регулираат користењето на службените возила, користењето на репрезентација, патувањата и сите тие работи што се според проценките на оваа влада навистина на едно крајно непристојно ниво.“

На денешната седница освен што се конституирани владините комисии, се расправаше и за вториот ешалон на власта. Разрешени се сите досегашни државни секретари во министерствата, а само во МВР е назначен нов.

„Тоа е господинот Радивое Јовановски. Исто така, именувани се и директори на двете најважни бироа, на бирото за јавна безбедност е именуван господинот Бранко Бојчевски и на управата за безбедност и контра разузнавање господинот Зоран Верушевски.“

Во Електростопанството и во Царината се назначени в.д. директори, Панде Лазаров и Ванчо Лазаровски. Разговарано е и за почетокот на преговорите со ММФ што започнуваат за две недели, а усогласен е и протоколот за соработка со УНМИК.
XS
SM
MD
LG