Достапни линкови

Џеват Адеми ќе се брани од слобода


Генералниот секретар на НДП Џеват Адеми кој вчера беше приведен на граничниот премин Блато кон Албанија, денеска е пуштен од притвор.

Основниот Суд Скопје два реши Адеми да се брани од слобода, а слични потерници МВР има покренати и за уште десетина челници на поранешната ОНА а сега ДУИ, меѓу кои и лидерот Али Ахмети, Гзим Острени и Фазли Велиу:

„Против мене лично сега нема да има потерница затоа што јас бев уапсен, а другите десет лица кои се во истото дело во секој случај и од секоја полициска патрола може да бидат затворени, вклучувајќи ги тука и актуелни министри, пратеници и видни политичари.“

Адеми според МВР се товари за дела што не се опфатени со законот за амнетија што било причина за негово апсење. За време на минатогодишната воена криза Џеват Адеми беше во редовите на ОНА, а неговото име фигурира и на американската црна листа со што му е забранет влезот во САД. Адеми вели:

„Од септември минатата година, па до денес, јас цело време постојано сум се движел во Македонија. Минимум десет пати сум патувал надвор од Македонија, минимум десет пати сум сопрен од сообраќајни патроли и сум бил легитимиран и никогаш не сум имал проблеми.“

Инаку ова е втор случај во рок од само неколку недели поранешен припадник на ОНА да биде уапсен а потоа ослободен. Тоа се случи и со Садула Дураку член на претседателството на ДУИ, кој со решение на Основниот суд Скопје два беше ослободен од мерката притвор, откако претходно челниците на оваа партија реаграа кај претседателот на државата и преставниците на меѓународната заедница во земјава.
XS
SM
MD
LG