Достапни линкови

Избори за Конгресот


Во Соединетите Американски Држави утре ќе се одржат избори за Конгресот. Сега односот на ривалските политички партии, Републиканската и Демократската, и во Сенатот и во Претставничкиот Дом е избалансиран.

Во Белата Куќа велат дека претседателот Џорџ Буш се надева оти неговата Републиканска Партија нема на овие избори да биде жртва на историските трендови.

„Белата Куќа би сакала годинава да ја предизвика историјата. Историски-партијата на власт, што значи со контрола врз Белата Куќа, традиционално губи голем број места во Конгресот во првите избори што се одржуваат по оние претседателските. Според сите индикатори, ваквиот тренд би можело да биде скршен.“

изјави портпаролот Ари Флејчер. Претставничкиот дом има 435 места од кои 222 се на Републиканците, 211 на Демократите и две места на независните. Доколку демократите на овие избори добијат уште шест места тоа ќе значи дека ќе го контролираат ова тело на Конгресот за кое на секои две години се одржуваат делумни избори. Во Сенатот во кој има сто места – Демократите држат педесет, Републиканците – 49. Преостанатото место го држи независен сенатор кој вообичаено гласа за

демократите. За триесет и три места во Сенатот се гласа неделава. Доколку демократите загубат едно тогаш тие ќе ја немаат контролата врз ова тело, бидејќи потпретседателот Дик Чејни е и претседател на Сенатот, функција што му дава решавачки глас при секое тесно изјаснување на сенаторите. Но, како што сметаат аналитичарите, прашањето е дали Буш доволно и помогнал на својата партија за да го задржи мнозинството во Претставничкиот Дом и евентуално да добие мнозинство во Сенатот. Тој и Чејни во изминативе два месеца потрошија многу време за изборната кампања на републиканците. Меѓутоа, тие посветија малку време на состојбата на економијата во земјата. Според анкетите, ова прашање е најважно за американците. Од минатогодишните септемвриски напади, Буш се фокусира на војната против меѓународниот тероризам, како и на воените закани против Ирак. Претседателската поддршка е најважна за тоа како партијата ќе мине на изборите. Тој носи и најмногу пари за кампањата. Буш и Чејни, според експертите, успеле на партијата да и обезбедат рекордни 190 милиони долари за годинашната изборна кампања. Демократите имаат 130 милиони. Дејвид Боаз потпретседател на Като институтот за политички истражувања во Вашингтон се согласува со политичката аксиома дека Американците гласаат со нивните џепови. Тој сепак додава:

„Јасно, популарноста на претсeдателот расте, бидејќи е фокусиран врз надворешната политика и врз неговата улога како лидер на националната одбрана. Сигурен сум дека тој внимателно измерил кога да зборува за тоа, а кога за домашните прашања.“

вели Боаз. Професорот по политика на Универзитеот во Вашингтон Дејвид Лублин пак вели дека Буш мудро избегнува секаква дискусија за економијата бидејќи тој е ранлив по тоа прашање.

„Тој е многу загрижен што гледа дека е послаб во економијата отколку во надворешната политика.“

смета Лублин. Како и да е в среда ќе се знае дали Буш имал право или не што предност и дал националната безбедност пред економијата на земјата.
XS
SM
MD
LG