Достапни линкови

Во Турција денеска предвремени парламентарни избори


Во Турција денеска се одржуваат предвремени парламентарни избори, предизвикано од тешката економска криза во земјата. Според аналитичарите, тешко е да се предвиди каква влада ќе произлезе по денешните избори.

Редовниот термин за изборите беше април наредната година, меѓутоа се одржуваат предвреме поради лошата здравствена состојба на премиерот Булент Еџевит, за кого многумина во Турција сметаат дека е најодговорен за економската рецесија, најтешка по втората светска војна. Еџевит, обраќајки им се на приврзаниците во Истанбул, најави дека наскоро ќе се повлече од лидерската позиција во неговата Демократско левичарска партија, со што ќе ја заврши 50-годишната политичка кариера. 18 политички партии учествуваат на изборите, но се претпоставува дека само две ќе успеат да го освојат цензусот од 10 насто за учество во Парламентот. Едната од нив е Партијата на правдата и прогресот, предводена од поранешниот градоначалник на Истанбул Реџеп Таип Ердоган, а другата Републиканската народна партија на Дениз Бајкал. Ердоган се дистанцира од исламистите, најавува про западна политика и се заложи за влез на Турција во Европската Унија. Тој остро ја критикуваше економската политика во земјата, спроведувана од досегашните влади, како и застарениот изборен процес во Турција.

„Дури и во Бразил гласовите се бројат електронски, а ние сеуште користиме мастило и печати.“

Меѓутоа, и покрај про-западната реторика на Ердоган, многумина секуларисти, вклучувајки и влијателни армиски генерали, го гледаат како закана за демократијата. Ердоган во 1998 година беше осуден на 10 месеци затвор поради анти-секуларистички активности, а против него се покренати и обвиненија за корупција во времето кога беше градоначалник на Истанбул. И Дениз Бајкал, лидерот на Републиканската народна партија, изјави дека Ердоган не е толку чист како што се претставува.

„Ние не се нарекуваме чисти, но немаме од што да се срамиме. Генералниот секретар на нашите противници има 15 досиеја за корупција и таа партија не може да се смета за чиста.“

На изборите учествува и новата партија на министерот за надворешни работи Исмаил Џем, кој најавува поголеми демократски реформи и приближување до Европската Унија, но аналитичарите сметаат дека нема да добие најмалку 10 насто од гласовите за влез во парламентот. Џем се залага за така-наречена техничка влада.

„Ние ќе го подигнеме нивото и квалитетот на дефиницијата министер. Министрите треба да бидат технички, тие ќе се избираат меѓу оние што знаат да работат најдобро.“

Последните истражувања на јавното мислење покажуваат дека околу 20 насто од гласачкото тело во Турција е неопределено, што остава простор за можни изненадувања. Премиерот Еџевит оцени дека е невозможно да се процени каква влада ќе добие Турција по денешните парламентарни избори.
XS
SM
MD
LG