Достапни линкови

Благица Новковска, директор на Заводот за статистика. Пописот се одвива коректно


Кои се првите впечатоци на заводот за статистика од спроведувањето на пописот?

Според информациите коишто ги имаме од попишувачите, но и од реонските инструктори, државните инструктори, се е во најдобар ред. Сигурно е дека некаде ќе има повеќе или помалку практични проблеми, но тоа се надевам дека се повеќе ситни проблеми коишто ќе бидат надминувани. Секогаш ќе биде правило кон крајот на денот да ги сумираме резултатите од изминатиот ден, затоа што попишувачите се обврзани кон крајот на секој ден да прават рапорт кон регионалните инструктори и државните инструктори за да кажат како поминале, но исто така да сумираат и доколку имале некои отворени прашања да се консултираат, да побараат совет за наредниот ден.

Сепак се чини, пописот стартуваше со некои пропусти, недостаток на легитимации за попишувачите и пописен материјал?

Ние од попишувачите, за да ги подготвиме легитимациите, побаравме да добиеме нивни фотографии. А, за да се подготват легитимациите е сепак еден процес за којшто требаше време и ние не можевме да го затвориме тој процес, до последниот момент работевме на подготовка на легитимациите. И всушност не добија тие што не доставија фотографии. И со тоа тие всушност им создадоа проблеми на реонските пописни комисии, затоа што тие не можат целосно да ја планираат распределбата на пописниот материјал и планирање кој попишувач каде ќе биде распореден. Јас ова воопшто не би го нарекла пропуст на државниот завод за статистика, туку голема мака на државниот завод за статистика.

Ќе влијае ли тоа на пописната акција?

Не може да влијае, затоа што на теренот тие тргнуваат со доволно пописен материјал.

Госпоѓа Новковска, имаше обвинувања во јавноста дека попишувалите се избрани според партиска припадност. Ваш коментар за тоа?

Никогаш државниот завод за статистика ниту имал причина, ниту имал повод, ниту пак имал информации кој на која партија припаѓа.

И на крајот, како заводот за статистика се заштити од евентуален фалсификат на пописот?

Ќе појдам од тоа дека се направени заштити на самите пописни материјали, според најсовремени методи. Секое ливче е нумерирано со посебен сериски број и посебно заштитен сериски број, што значи дека не може да се случи никој да фотокопира. Потоа, подготвени се специјална хартија, со посебни заштитни мерки и тука ќе бидат присутни од меѓународниот мониторинг. Што значи, секоја фаза ќе биде под набљудување и не би требало никој да се сомнева, јас само мислам дека основното е сите граѓани реално да ги прикажат податоците, а ние да си ја завршиме својата работа.
XS
SM
MD
LG