Достапни линкови

Попис на населението


Во земјава од утре околу 9000 попишувачи ќе го спроведуваат вториот по ред попис на населението од осамостојувањето на Македонија. Според законот за попис предвидена е соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во спроведувањето на активностите.

Согласно одредбите на охридскиот договор и законот оваа операција ќе се реализира повеќејазично:

„Попишувањето на целата територија на Република Македонија се врши на јазикот што ќе го избере лицето што се попишува – македонски, албански, турски, влашки, ромски, српски. Пополнувањето на обрасците ќе се врши на македонски јазик, или на друг јазик што го избрало лицето и на македонски јазик. Пописните обрасци се отпечатени, како прво, на службен македонски јазик и неговото кирилско писмо, на албански јазик и неговото писмо и третата варијанта на турски, влашки, ромски и српски јазик и нивните писма и на македонскиот јазик и неговото писмо,“

изјави Татјана Митевска, портпарол на Државната пописна комисија.

Граѓаните кои ќе се попишуваат треба да ги поседуваат следните документи:

„Сина лична карта или син пасош, или стара лична карта и документ за државјанство, а за децата извод од матична книга на родени. Доколку станува збор за странци коишто се присутни во Република Македонија, а имаат место на вообичаено живеење надвор од Република Македонија, тие ќе треба да покажат дозвола за престој, додека бегалците треба да докажат дека имаат статус на бегалец, а лицата коишто имаат статус на хуманитарно згрижени лица – уверенија за признат статус.“

Првичните резулати треба да се објават во јануари наредната година, а дефинитивните ќе се објавуваат сукцесивно до ноември 2004. Пописот ќе ја чини Македонија 6,7 милиони евра, а дополнително е обезбедена донација и од владата на САД и Европската комисија.
XS
SM
MD
LG