Достапни линкови

logo-print

35 насто од децата имаат проблеми со психо-физичкиот развој


Во Македонија сеуште има деца што ги чувствуваат траумите од минатогодишниот конфликт.

„После војната имавме многу проблеми со децата. Почнаа децата ноќе да ми стануваат, да плачат, не сакаа да одат ни во школо. Постарото особено, се нешто се плашеше, бегаше, ама баш ништо не сакаше, психички растројства, што да ви кажувам,“

вели Снежана Арсовска од Арачиново, мајка на три девојчиња, сместена во прифатилиштето за раселени лица „Здравко Цветковски“ во Скопје. Според истражувањата на една од невладините организации која работи на надминување на пречките во психо-физичкиот развој. Се соочуваме со голем број деца на кои им треба помош.

„Околу 35 насто од децата кои биле во моментот во кризниот регион или го нашуштиле својот дом имаат пореметувања во психолошките и социолошките однесувања. Симптомите се следниве: децата немирно спијат, покажуваат пасивност, намален интерес за учењето и за успехот, потешкотии во комуницирање и дружење со врсниците,“

вели Иван Зондра координатор на проектот „Враќање на личноста“ на невладината организација Хуманитарен македонски национален центар.

Оваа организација работеше во Шипковица и во прифатните центри за бегалците.

„Станува збор за деца од сите националности, пред се војната не бира ниту по националност, ниту по возраст, ниту по вера. Така што, ние работевме со деца од сите националности и секаде се покажуваат слични резултати.“

вели Зондра, кој додава четири месеци се малку а да се спроведе целосна рехабилитација:

„Ова е таков вид на психо-социолошки пореметувања за кој се потребни подолговремени терапии.“

Слично размислуваат и родителите на децата опфатени со проектите, но проблем се финансиите. За овој како и за други слични проекти УНХЦР веќе донираше средства, меѓутоа поддршката тука не запира.

„Во зависност од потребите на нашите партнери, и извештаите од теренот ќе се утврди дали постои потреба и секако дали имаме можност за продолжување на ваквите проекти, но секако дека ние сме заинтересирани да се надминат проблемите коишто настанаа во текот на минатогодишната криза,“

рече претставникот на УНХЦР Горан Момировски.
XS
SM
MD
LG