Достапни линкови

Заложничката криза во Москва и американската политика спрема Чеченците


Како заложничката криза во Москва ќе се одрази врз американската политика спрема чеченците, посебно во време кога Вашингтон бара руска поддршка во Обединетите Нации за акција против Ирак?

Експертите, иако велат дека е прерано да се одговори на ова прашање, главно се согласуваат дека тоа може да го натера Вашингтон да му се приближи на рускиот поглед дека чеченската војна не е битка против сепаратизмот, туку против тероризмот ист како оној против кој се бори Америка. Вашингтон долго време ја критикуваше Москва дека ги крши човековите права во Чеченија. Но, откако лани рускиот претседател Владимир Путин ја поддржа американската војна против тероризмот, овие критики беа ублажени. Сега, како последица на заложничката криза, американската политика може поцврсто да и се приближи на руската. Аналитичарите исто така сметаат дека кризата ќе ги ослаби напорите за завршување на чеченскиот конфликт по пат на мировни преговори меѓу Кремљ и чеченското раководство на Аслан Масхадов. Фиона Хил експерт на Брукингс институтот во Вашингтон наведува дека на админаистрацијата на Буш сега ќе и биде тешко да ги продолжи чекорите со цел двете страни да седнат на преговарачка маса.

„Зад сцената, администрацијата на Буш вршеше притисок врз Русија за политичко решение на проблемот. Исто така се обидуваше да ги охрабри русите да прават разлика меѓу терористите и оние кои бараат поголеми права. Мислам дека сега тоа веќе нема да биде лесно,“

вели Хил. Чеченското движење на отпорот вклучува многу различни групи кои пред извесно време ги унифицираа воените сили што пак, како што сметаат некои експерти, ги приближи кон екстремистичките елементи. Тоа, сметаат тие, може да придонесе за менувањето на американскиот курс во однос на чеченскиот проблем. Зејно Баран кој е аналитичар на Вашингтонскиот центар за меѓународни студии не мисли дека администрацијата на Буш ќе бара руска поддршка за Ирак во замена за зацврстување на вашингтонските позиции спрема Чеченија или спрема Грузија.

„Русија со месеци се обидува да ја игра оваа игра. Но, јас не мислам дека американската страна ќе ги изедначи двете прашања. Тие се тотално различни. Можеби ќе има некое зацврстување на американската позиција спрема Чеченија, но не и спрема Грузија,“

смета Баран, кој како и Хил вели дека е прерарно да се каже како заложничката криза во Москва ќе се одрази врз американската политика.

Хил додава дека Вашингтон нема да се меша и ќе го чека натамошниот развој. Според неа, заложничката криза би можело да предизвика нови насилства, но и, како што вели, еден вид глобален притисок кој ќе ги натера двете страни Русија и чеченските сепаратисти да седнат зад преговарачка влада.
XS
SM
MD
LG