Достапни линкови

logo-print

Кривична пријава против фондот за здравство


850 членови на Здружението на приватните лекари на Македонија, најавуваат тужба против Фондот за здравство, поради неисплаќање на повеќе од два милиони евра, на сметка на приватните лекари за услуги кои приватните доктори им ги даваат на пациентите. Кривичната пријава е врз основа на неодамна донесеното решение на Уставниот суд со кое му се оспорува правото на Фондот за здравство, да располага со средствата наменети за превентивни програми и оние за едукација на приватните лекари.

„Фондот има префрлено, меѓутоа нерамномерно во сите градови. Во некои градови беа префлрлени 68 насто, некаде имаше и сто насто префрлање. Тоа е за јунското побарување. А, ние сакаме да постои еден правен, пишан документ на кој ќе можеме да се повикаме во однос на побарувањата што ги има приватното здравство.“

вели претседателот на Здружението на приватните лекари на Македонија Др. Милан Милутиновиќ.

„Наместо да ја добиваме целата заработена сума, фондот ни исплаќа само 68% , а останатото се прелева на привилигирани фирми или партиски сметки“ - велат од Здружението на приватните лекари.

„Делот од парите се префрлаат на веледрогериите, со тоа што се даваат зелени картони и на одредени фирми кои не плаќаат за здравствено осигурување што е мимо законот. Кој го има тоа право и како е тоа право направено незнам, би требало да се видат тие документи,“

потенцира д-р Милутиновиќ.

По притисокот на приватните лекари, дел од средствата потребни за покривање на трошоците околу платите и неопходната терапија за пациентите, во некои од градовите во државава се префрлени, но преостанува исплатата за заостанатите пет месеци.

„Па принципиелно е завршена исплатата со месец јуни, за преостанатите нема ништо. Ние очекувавме неделава да има нешто и за месец јули, меѓутоа немаше ништо.“

вели приватниот лекар од Велес д-р Панче Арсовски.

И покрај отежнатите услови за работа на приватните лекари, тие велат дека вакавата ситуација во ниеден момент, нема да се одрази врз пациентите. Инаку уште од смената на власта пред четири години, покрај сите настојувања членовите на Здружението на приватните лекари на Македонија, не успеале да остварат никаков контакт со досегашниот Директор на Фондот за здравство Војо Михајловски.
XS
SM
MD
LG