Достапни линкови

Руските специјалци ги убија милитантите, загинаа и 67 заложници


Руските специјални единици рано изутрината ја окончаа заложничката криза во театарот во Москва, при што 34-ца чеченски милитанти се убиени, но настрадаа и 67-мина заложници. Упадот се случил откако чеченците почнале да убиваат некои од заложниците. Како што јавуваат агенциите, руските специјалци прво употребиле гас, а потоа извршиле напад во зградата на театарот. Конечниот број на загинатите не е познат. Рускиот заменик министер за внатрешни работи Владимир Василев изјави дека со акцијата на руските специјалци е спречено масовното убиство на заложниците и уништувањето на зградата на театарот која беше минирана. Тој соопшти дека се спасени 750 заложници, но оти 67-мина загинале. Според Василев, во акцијата на специјалците, 34-ца чеченски милитанти се убиени, меѓу нив и нивниот командант Мовсар Бараев.


„Убиените не се идентификувани. Терористите, меѓу нив и жените, кои имаа на себе експлозив, не се живи. Бараев е мртов, тоа е сигурно.“

Василиев додаде дека сега главните напори се насочени кон пребројувањето и идентификацијата на заложниците.

„Ги пребројуваме заложниците и се обидуваме да ги утврдиме нивните точни имиња. Оние што се повредени, се пренесени во болница.“

Градоначалникот на Москва Јури Лужков, оддавајки им признание за успешната акција на руските специјалци, потврди дека има загинати заложници.

„За жал има жртви. Јас мислам дека има околу 30-тина, но најголемиот дел од луѓето се спасени.“

Итар Тас јави дека шефот на федералните безбедносни структури Николај Патрушев по средбата со претседателот Владимир Путин, изјавил дека 34-ца милитанти се убиени и оти никој не избегал. Заложничката криза во московскиот театар започна во средата кога чеченските милитанти упаднаа во зградата заканувајки се дека ќе ги убијат над 700-тините заложници доколку руските трупи не се повлечат од Чеченија. Тие најавија дека од денеска изутрина ќе започнат со убивање на заложниците.
XS
SM
MD
LG