Достапни линкови

logo-print

Одраз на политичките опции во државата


Со зголемено полициско обезбедување и очекувања дека тензиите ќе се намалат по вчерашните инциденти и тепачки јавниот градски превоз ги обнови автобуските линии што сообраќаат кон скопската населба Ченто. Ситуацијата се смирува, но неизвесноста останува:

„Убедувањето кај нас веќе постои, дека во голема мерка ризикот на нашиот работник е изострен и со право нашите вработени кога доаѓаат на работа доаѓаат со страв како ќе го завршат работниот ден.“

вели директорот на ЈСП Крсте Вељановски.

Овие инциденти се само одраз на многу посериозен проблем на институциите на системот оценува магистер Тања Каракамишева од правниот факутет.

„Проблемите од типот, дали автобусите ќе возат или нема да возат, или дали ќе има секојдневни пукотници по улиците, не е граѓански проблем, дефинитивно.
Бидејќи ако вие имате ред и поредок во државата и ако законодавецот и условно власта знае како да си ги реши проблемите во смисол на почитување на законите и ако ништо друго почитување на тие установи коишто треба да бидат задолжени за почитување на законите, тогаш нема да постојат вакви проблеми. Односно, ќе постојат многу помалку. Значи, не е проблемот меѓу Македонците и Албанците, проблемот е во тоа што ние не знаеме како да си ја воспоставиме политичката власт да функционира онака како што треба. Нормално е дека проблемите на социјално ниво, или на она етничко ниво се јавуваат поради недостаток на енергија кај политичката власт сето тоа да го среди од горе.“


За сериозноста на проблемот особено од аспект на влијанието на младата генерација говори и професор Емилија Симовска од Институтот за политичко-правни и социолошки истражувања

„Ова не е ништо туку одраз на партиските, на политичките опции во државата.“

Таа предлага:

„Мора да се воведе казнување на професорите и директорите кои одговараат за политичкото однесување на децата. Значи, доколку се востанови дека одреден професор манипулира со децата, ги провоцира на штрајк, ги провоцира на насилство, а тоа се прави масовно низ училиштата во Македонија тој треба да биде, не само отпуштен од работа, туку и да му се забрани да врши дејност од сличен карактер. Тоа кај нас никогаш до сега не е направено. Е сега, можеби некому му се чини дека казната е последното средство по кое треба да се прибегне, меѓутоа на овој степен на којшто сме дојдени сега нема враќање назад. Мора да се прибегне и кон одредени репресивни методи.“
XS
SM
MD
LG