Достапни линкови

Ситуацијата во Македонија е стабилна


Европски или НАТО сили во Македонија по 15-ти декември? Ќе се решава по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, вели претседателот Борис Трајковски.

„Затоа вчера и господинот Солана се јави, затоа што денеска и утре, на советот на министрите ќе има расправа и дискусија околу ова прашање. Едноставно, тој очекуваше да го види моето мислење на она што веќе беше дел од мојот разговор за време на бејрутскиот самит со претседателот Ширак. Тоа значи, дека ние очекуваме прво тие да донесат и да заземат став, а потоа ние да се договориме за понатаму.“

Инаку, безбедносната состојба во државата генерално е стабилна е ставот на Трајковски:

„Со исклучок на овие инциденти што се случија, сепак заедничка заложба на сите граѓани е и понатаму да се истрае на патот стабилизација, нормализација, на градење на заедничката доверба. Никој во ова нема да не спречи, иако можеби тенденции постојат на нарушување на односите, меѓутоа длабоко сум уверен, а она што и граѓаните го покажаа за време на изборите, дека граѓаните гласаа за мир и сакаат мир и во тоа чинам дека ќе успееме.“

За вчерашните протести на средношколците при што се случија и инциденти, претседателот Трајковски е незадоволен од функционирањето на одредени структури во државата.

„Особено оние од педагошко-образовниот систем, на нивното однесување. Имаме право на протести и тоа може да се организира, но тоа треба да биде на примерен, достоинствен начин, што ќе соодветствува со возраста на тие млади луѓе. И најголема грешка би било доколку загубата на тој млад живот биде ставена во функција на еден одмазднички акт, како што се случи вчера. Навреди на одредени личности, па макар биле и од друга етничка припадност, а кои најмалку се виновни во овој момент.“
XS
SM
MD
LG