Достапни линкови

Чеченски бунтовници држат стотици заложници во театар


Над четириестина добро вооружени чеченски бунтовници, меѓу нив и дваесетина жени од синоќа во еден московски театар држат неколку стотици заложници. Тие бараат од руските власти за седум дена да се повлечат од Чеченија.

На интернет страницата на чеченските бунтовници, како што јавуваат агенциите, била цитирана изјавата на еден од грабнувачите дека доколку руските власти за тоа време не се повлечат ќе го кренат во воздух театарот каде што држат над шестотини заложници. Во моментот на упадот на грабнувачите во театарот за време на еден мјузукл имало над седумстотини гледачи и околу сто актери. Грабнувачите дсега пуштиле над сто осумдесет лица, меѓу кои и триесетина деца. Според очевидците, чеченските бунтовници за кои се смета дека поставиле експлозив во театарот, но и го имаат и на себе, коректно се однесувале со заложниците и оти засега не ги спречувале нивните разговори по мобилни телефони.

„Ситуацијата е алармантна. Се е минирано и луѓето се загрижени. Се во зградата е минирано.“

рече во телефонски разговор за Радио Слободна Европа една жена која е заложник во театарот.
Зградата на театарот е блокирана со силни полициски единици. Еден од грабнувачите за интернет страницата на чеченските бунтовници изјавил дека изутрината убиле руски полицаец кој се обидел да му се приближи на театарот. Според некои непотврдени извори во близината се слушнале и неколку експлозии. За осолободување на заложниците руските сили за безбедност активирале посебен план, а во штабот биле и угледни претставници на чеченската дијаспора кои понудиле помош во преговорите.

„Министерот за внатрешни работи и јас го информиравме претседателот за развојот на ситуацијата. Можам да ви кажам дека специјалните сили се ставени во состојба на целосна готовност.“

изјави шефот на специјалните сили Николај Патрушев. По средбата претседателот Путин изјави дека акцијата за земање заложници во Москва била планирана во терористички центри надвор од Русија од истите, како што рече, криминалци кои неколку години ја тероризираат Чеченија. И покрај интернет пораката на чеченските бунтовници, министерот за надворешни работи на сепаратистичкото чеченско раководство Илијас Ахмадов се дистанцира од оваа акција.

„Претседателот Масхадов и нашето раководство ги осудуваат терористичките акти со кои се доведуваат во опасност безбедноста и животите на цивилите. Она што се случува во Москва е директна последица од суровата војна што ја покрена руската влада.“

изјави Ахмадов за Радио Слободна Европа.
Поради заложничката криза рускиот претседател Владимир Путин ја одложи својата повечедневна посета на Португалија и работниот состанок со германскиот канцелар Герхард Шредер. Соединетите Американски Држави го осудија грабнувањето заложници во московскиот театар. Претставник на Белата Куќа соопшти дека американската влада е подготвена да и помогне на Русија за решавање на кризата на соодветен начин.
XS
SM
MD
LG