Достапни линкови

Буш не верува дека Ирак ќе се разоружа


Американскиот претседател Џорџ Буш не верува дека Ирак некогаш ќе се разоружа, но изрази готовност да и даде уште една шанса на дипломатијата. Вашингтон вчера до Советот за безбедност дистрибуира нова нацрт резолуција за ирачкиот проблем.

Американскиот претседател Џорџ Буш изјави дека Садам Хусеин би можело да остане на власт само доколку ги исполни сите релевантни резолуции на Обединетите Нации. Според Буш, Ирак може да биде разоружан на мирен начин ако светската заедница е обединета во, како што рече, својата решеност. Доколку тоа не се случи, Соединетите Американски Држави и нивните сојузници имаат волја и желба да го разоружаат Садам Хусеин, изјави претседателот Буш. Тој потсети дека отсекогаш цел на неговата администрација, исто како и на претходните, била отстранување на ирачкиот лидер од власт. Претседателот Буш сега изрази уверување дека

„Доколку ги исполни сите услови поставени од Обединетите Нации, услови што јасно ги опшишав и секој може да ги разбере, тогаш самото по себе тоа е сигнал дека режим се менува.“

изјави претседателот Буш. Светската организација во изминативе единаесет години усвои многу резолуции за Ирак, меѓу нив, за уништување на оружјето за масовна деструкција, за исплаѓање репарации на Кувајт и за пуштање на сите затвореници од Заливската војна. Соединетите Држави вчера до простанатите четири постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите Нации дистрибуираа нова нацрт-резолуција за Ирак. Претставникот на Белата Куќа Ари Флејчер укажа дека предложената резолуција бара многу построг и поефикасен систем на инспекција. Претходниот американски предлог за експлицитна дозвола на употребата на сила против Ирак пропадна. Тоа се случи и со барањето на Вашингтон во инспекторскиот тим на Обединетите Нации да бидат вклучени и инспектори од петте земји постојани членки на Советот за безбедност.
XS
SM
MD
LG