Достапни линкови

Парламентот ќе гласа на 31 октомври


Македонскиот парламент на веќе закажаната седницата идниот четврток на 31 октомври ќе гласа за предложениот состав и програмата на новата влада на мандатарот Бранко Црвенковски, потврдија од кабинетот на председателот на собранието Никола Поповски. Ова откако на шефот на собранието мандаторот Црвенковски му ја достави комплетната листа на кандидати за министри во новата влада, а согласно деловникот кој налага седницата на собранието за избор на новата влада да биде свикана најрано десет дена од доставувањето на предлог составот и програмата на новата влада. Ваквата одредба е непотребно комплицирање на процедурата оценува професорот по уставно право Светомир Шкариќ.

„Процедурата што е пропишана е нелогична и отстапува од духот на парламентаризмот. Штом се добиваат избори, се знае оној што може да обезбеди парламентарно мнозинство во парламентот и мандатот се доделува на лидерот на партијата што може да формира парламентарно мнозинство. И се гласа за мандатар, а не за влада. Мандатарот мора да има широк маневарски простор кога ја составува владата. Тој е капитен, тоа е негов тим и тука има солидарна одговорност ако некој внатре не функционира, тој треба да има простор брзо да го менува, без да го известува парламентот. Ако парламентот не е задоволен од владата, довербата е тука – ќе падне мандатарот, паѓа и владата. А гледате, тој сега мора да чека и заменици и нив да ги предложи во овој пакет.“

Договорот на коалиционите партнери околу заменичките места сеуште не е направен.

„Тоа ќе го направиме во наредните денови,“

изјави мандатарот Црвенковски. Според неговите очекувања и прашањето на замениците министри ќе биде затворено на истата седница.

„Тоа е нашата амбиција: на седницата на Собранието да се разгледува и составот на владата и листата на замениците министри и мислам дека ќе дојде до такво дополнување на дневниот ред.“
XS
SM
MD
LG