Достапни линкови

Безобзирна одмазда за највисока казна


Убиството на матурантот Ванчо Јосифовски од Тетово спаѓа во категоријата на безобзирни убиства за кои се предвидува и највисока казна, оценува професорот по казнено право Владо Камбовски

„Очигледно се работи за безобзирна одмазда. Тоа е тешко убиство за кое кај нас во кривичниот законик е пропишана казна доживотен затвор. Дали има политичка заднина, тоа е друго прашање. Но, исто така, може да ги исполни и елементите на тероризам.“

Инцидентот е грубо кршење на човековите права, вели професор Мирјана Најчевска и посочува дека претставува навлегување во просторот што значи разгорување на меѓуетничките односи

„На некаков начин се стекнува впечаток дека влегуваме во некаков круг на нов вид на крвна одмазда, а тоа е крвна одмназда по етничка основа од што многу тешко ќе се извлечеме ако не успееме да најдеме релевантни правни одговори на секој од овие настани.“

Најчевска оценува дека самиот настан претставува:

„чин на насилство што ние не смееме да си го дозволиме – ниту во овој момент, ниту во кој било друг момент доколку навистина претендираме да градиме правна и демократска држава.“

За тоа на што е резултат овој акт кој се случи викендов во Тетово, таа вели:

„Со оглед на она што го покажуваат партиите коишто се моментално мнозинство во парламентот и нивната отворена изразена и фактични потврдена желба да се договараат и на некаков начин преку договарањето да постигнат траен мир, се стекнува впечаток дека е ова дело на некој друг.“

Инаку Хелсиншкиот комитет денеска испрати и екипа на терен која треба да го испита случајот по што тој ќе излезе со официјален став.
XS
SM
MD
LG