Достапни линкови

Судбината на проширувањето на ЕУ во рацете на Ирците


Граѓаните на Република Ирска денеска решаваат за судбината на најавеното проширување на Европската Унија. Во Брисел велат дека доколку трите милиони Ирци со право на глас на денешниот референдум го отфрлат таканаречениот договор од Ница, тогаш ќе бидат стопирани плановите за прием на десет нови земји во Унијата во две илјади и четврта година.

Со документот од Ница се создаваат сите услови за европското проширување и, како што наведуваат во Брисел, без него ќе биде невозможен приемот на нови членки во Унијата. Освен Ирска сите други земји од Европската Унија веќе го имаат ратификувано. Ирска мора да одржи референдум поради уставни причини. Проблемот е што Ирците еднаш веќе го имаат отфрлено договорот од Ница и тоа на референдумот што беше одржан лани. Тогаш ирската влада беше обвинета дека недоволно ги објаснила предностите на евро-проширувањето. Сега, премиерот Берти Ахерн и неговиот тим, како што велат посматрачите, изгледа направилe подобра работа. Според последните испитувања на јавното мислење, 42 процента ќе гласаат за, а 29 насто против договорот. Бројот на неопределените е 19 проценти. Портпаролот на владејчаката партија Питер МекДонах е оптимитист дека референдумот ќе успее:

„Последните анкети покажуваат дека ние успеавме да ги информираме луѓето за тоа што ќе добијат со договорот и за важноста на гласањето. Во овој момент изгледа добро, но ќе видиме каков ќе биде одзивот.“

Мек Донах додава дека владата нема резервен план доколку референдумот не успее. Според него, второто ирско одбивање на договорот ќе претставува екстремна штета и ќе прерасне во паневропски проблем. Лидерите на Чешка, Полска, Словачка и Унгарија веќе упатија апел до Ирците да не го отфрлаат договорот од Ница, бидејќи тој претставува историска можност за обединета Европа. Но, зошто Ирците би го отфрлиле проширувањето? Тие се мала нација која крајно исползува од своето тридеценско членство во Европската Унија. За тоа време Ирска од рурална прерасна во земја со високоразвиена економија. Една од причините е страхувањето кај Ирците дека со проширувањето тие би можело да ја загубат традиционалната воена неутралност иако Унијата со декларација се изјасни дека Ирска не може да биде присилена воена да учествува во планираните сили за брза реакција. Патриција Мек Кена вели дека нејзината зелена партија е против договорот од Ница, но не и против европроширувањето:

„Стратегијата на Европа е да се потенцира важноста оти овој договор е за проширувањето. Но не е така. Поважно е тоа што со него се менува начинот на кој функционира Унијата. Со него, во Унијата ќе има различни нивоа на членство.“

вели Мек Кена која додава дека тоа ќе создаде нееднаквост и поделби меѓу членките на идниот заеднички дом.
XS
SM
MD
LG