Достапни линкови

Осум балкански земји ќе создадат регионален енергетски пазар


Осум балкански земји наскоро ќе создадат заеднички регионален енергетски пазар. Специјалниот координатор на Пактот за Стабилност Ерхард Бусек го поздрави планот кој има за цел преку поголема соработка целосно искористување на постојните енергетски капацитети.

Координаторот на Пактот за стабилност Ерхард Бусек вели дека со ваквиот план ќе се создадат услови за либерализација на пазарот со електрична енергија во регионот. Според него, договорот меѓу Македонија, Албанија, Босна, Бугарија, Хрватска, Грција, Романија и Југославија ќе придонесе за приближување на регионалната легислатива во таа сфера кон стандардите на Европската Унија.

„Со иницијативата за регулирање на електричната енергија во југоисточна Европа, Европската комисија во тесна соработка со Пактот за стабилност предлага визија за развојот на пазарот со струја во регионот. Кога кон средината на идниот месец ќе биде потпишан меморандумот, тогаш во соработка со Европската Унија ќе започне конкретната работата во секоја земја од регионот.“

Меморандумот за разбирање, според предвиденото, треба да биде потпишан на 15-ти ноември во Атина и ќе ги обврзе регионалните влади да го трансформираат производството, но и суштината на електро-капацитетите во легални независни единки. Експертите велат дека со тоа ќе се намали цената на електричната енергија, ќе се подобри услугата и ќе се намалат потребите за натамошно инвестирање во овој сектор.

„Со отворањето на различните економии, заедничкиот пазар од 55 милиони потрошувачи ќе стане реалност во идната година. Ако го споредите тоа со економскиот развој во Европа, тогаш сите знаеме дека слободниот пазар е многу важен исто како и развојот на инфраструктурата.“

вели Бусек, кој изразува задоволство од она што земјите кои се опфатени со Пактот за стабилност успеале да го постигнат оваа година. Тој пред се ги потенцира: прогресот со враќањето на бегалците, меѓуграничната соработка и борбата против организираниот криминал. Според координаторот Бусек, земјите од регионот освен што ќе мора да ги продолжат напорите во овие сфери, ќе треба да поработат уште на две цели: заедничкиот електро-пазар и слободната трговија.
XS
SM
MD
LG