Достапни линкови

logo-print

Почнува џез-фестивалот


Во шесте фестивалски вечери, од 17 до 22 октомври годинава, на сцената на Универзалната сала, љубителите на добрата музика ќе проследат 12 концерти на врвни мајстори на џезот. Така, програмата, за која првиот човек на Скопскиот џез фестивал - Оливер Белопета вели дека е најдобрата што успеал да ја состави во последниве неколку години и која со разновидноста ги поместува поимањата за стреотипното на еден ваков фестивал, ја чинат настапите на најконтроверзниот музичар на џезот Сесил Тејлор кој во Скопје доаѓа по втор пат, најдобриот трубач и композитор през годиниве според водечките светски магазини Дев Даглас, проследувачите на делото на големата легенда Чарли Мингус и оние кои неговата оставштина ја враќаат повторно во ововремената музичка орбита Мингус биг бенд, космополитот и еден од најзначајните продуценти во современата музика, оснивачот на “но вејв” движењето Арто Линдзи, втемелувачите на самба соулот- Трио Мокото , бугарскиот мајстор на кавал Теодосиј Спасов заедно со еден од најпознатите перкусионисти Глен Велез и волшебникот на Ерменецот Хаиг Јазџијан, финскиот авангардист Кимо Похјонен и други. Сепак, со нагласено внимание и потрага по влезен билет повеќе, се очекуваат перформансите на перуанката Сузана Бака и особено оној на кубанската Едит Пјаф како што ја нарекуваат и единствената жена од славниот Буена виста социал клаб - Омара Портуондо.

А, на самиот старт на 21 Скопски џез фестивал спектакуларно отварање со следбеникот на легендарниот Астор Пијацола - францускиот хармоникаш Ришар Галијано кој ќе настапи со не помалку познатиот кларинетист и саксафонист Мишел Портал и нивните сонародници Готан проџект, чиј спој на аргентинското танго со електронската музика збогатен со ретко убаво визуелно шоу е вистински хит во изминативе две години.
XS
SM
MD
LG