Достапни линкови

Вмешаност на политиката во бизнисот


Активното вклучување на Македонија во евро-атлантските асоцијации зависи од нејзината подготвеност за реформа на економски и на политички план. Има подобрувања, но треба да се направи уште многу, се вели во извештајот подготвен и презентиран во Скопје од страна на СЕЦИ, организација за соработка меѓу земјите од југо-источна Европа.

Во извештајот насловен како поттикнување и пречки за правење бизнис во Македонија се констатираат негативните точки, потенцијалите и она што треба да биде направено.

„Целта на извештајот е да ја согледа сегашната бизнис атмосфера во земјата, да ги анализира причините за нискиот инвестиционен раст до сега, да ги испита потенцијалите и да даде препораки на новата влада,“

рече Василис Такас, претставувајќи го извештајот.

Идната влада ќе мора да се фокусира на либерализацијата на увозот, на поедноставување на процедурите и формалностите, на усогласување на домашните со светските стандарди доколку сака да го привлече странскиот капитал. Меѓу негативностите кои тоа го отежнуваат се констатирани: политичката и безбедносна нестабилност, високи банкарски камати, долги процедури на одобрување на заеми и бавни структурни реформи. Оттаму и препораките се:

„Донесување закони што ќе ги охрабрат странските и домашни директни иневстиции, продолжување на реформите и завршување на процесот на приватизацијата. Почитување на потпишаните договори и одбегнување на какво и да е мешање,“

рече Такас, бидејќи анализите на СЕЦИ упатуваат дека во Македонија постои високо мешање на политиката во бизнисот.

Прецизните и детални упатства на СЕЦИ се доставени до претставниците на победничката коалиција.

„Пораката е предадена, не само индиректно, туку и директно,“

рече еден од носителите на проектот Светозар Јаневски.

Според него, иако во извештајот не се инсистира толку на корупцијата која се споменува само како еден од проблемите, токму нејзиното искоренување и принципот на отвореното работење ќе бидат клучни критериуми според кои ќе се оценува работата на новата влада, но и критериуми од кои ќе зависи успешната евро-атлантска ориентација на Македонија.
XS
SM
MD
LG