Достапни линкови

Економската програма на Лабус наспроти теоретската на Коштуница


Денеска се одржува вториот круг од претседателските сибори во Србија. Околу 6 ипол милиони граѓани со право на глас избираат меѓу конкретната, пред се економска програма на Мирољуб Лабус и претежно теоретскиот пристап за иднината на земјата на Воислав Коштуница, кој оствари водство во првиот круг.

55-годишниот либерален економист Мирољуб Лабус инсистира на тоа дека треба да се продолжи со брзите реформи, започнати по соборувањето на Слободан Милошевиќ пред две години. Тој смета дека реформите веќе покажуваат резултати и оти доколку се продолжи по тој пат, земјата би можела да стане членка на Европската Унија до 2010-та година. Лабус наведува дека економската ситуација во Србија е подобрена во последните две години, дека за прв пат бројот на ново-вработените е поголем од бројот на отпуштените од работа и оти просечната плата од 40 евра, сега изнесува 160 евра, а странските инвестиции изнесуваат околу 600 милиони евра. Главна цел на неговата програма е милијарда евра странски инвестиции и 100 илјади нови вработувања годишно. Со Коштуница како претседател на Србија, земјата може да влезе во период на нова дестабилизација, рече Лабус на телевизискиот дуел со неговиот против кандидат.

„Доколку вие бидете избран, во Србија би имало кавги, афери и голема несигурност. Тоа би ги избркало инвеститорите, каматните стапки би се зголемиле, а сега кога почнавме да се опоравуваме, тоа би значело шок за стопанството.“

58-годишниот адвокат Воислав Коштуница во кампањата се фокусира врз прашања како што се легалност и владеење на правото. Коштуница смета дека српската влада спроведува реформи кои не се законски издржани и оти во Србија е создаден паралелен систем на моќ. За Лабус вели дека неговата кампања е повеќе фокусирана како за кандидат за премиер, а не за претседател на држава.

„Мислам дека сте ја промашиле функцијата за која се кандидирате. Имам впеќаток дека се кандидирате за претседател на влада или за министер за економски врски со странство. Претседателот на државата треба да биде домаќин на една куќа, а таа куќа е државата.“

Коштуница се согласува со про-европската орјентација и со тезата за добри односи со Соединетите Држави и со соседите, но смета дека Белград не обрнува доволно внимание на релациите со Русија и со Кина. Коштуница најави и дека доколку биде избран, ќе предложи нов Устав на Србија за конечно да се расчисти со остатоците од режимот на Милошевиќ. И покрај западната подршка што ја има Мирољуб Лабус и неговата реформска орјентација, според аналитичарите, фаворит е Коштуница. Меѓутоа неизвесно е дали одзивот на гласачите ќе биде над 50 насто за изборите да се сметаат за валидни.
XS
SM
MD
LG