Достапни линкови

Врз политика не се гради историја


На Македонија во моментов и се случува политика, а врз политика не се гради историја, велат историчарите. Сепак несомнено е дека минатогодишниот оружен конфликт, рамковниот договор и уставните промени се настани што дефинитивно влегуваат во современата македонска историја. Но, упатените се воздржани кога треба да одговорат на прашањето колку можеме да бидеме објективни во нивното толкување.

„Историчарите понекогаш се лажат самите себе кога велат дека тие се најобјективните луѓе, зашто таква методологија не постои. И она што се случи во Република Македонија минатата година ќе биде прикажано на оној начин на којшто има потреба да се прикаже, односно, да има некакви резултати од тоа прикажување.“

вели историчарот Јован Донев.

Поделеноста на општеството доведе до тоа и Македонците и Албанците да имаат своја вистина. Сепак националниот институт по историја ќе побара од педагошкиот совет изучувањето на историјата на Македонија која сега завршува со настаните од 91-та да биде проширено. Опцијата што се разгледува е настаните што се случија во Македонија во последниве години, но и лани во учебниците по историја да бидат претставени само фактографски и хронолошки. Во спротивно напишаното нема да биде прифатливо ниту за едните ниту за другите.

Новица Велјановски историчар и автор на учебници вели:

„Задолжително програмите да се прошират и со тој конфликт, бидејќи и тој е дел од нашата историја.“

Сепак тој се согласува дека е потребно време да се смират страстите за да се избегне политизација на историската граѓа:

„но, засега, постојат фрустрации и од едната и од другата страна и мислам дека уште е тешко да се разговара за тоа прашање.“

Прерано е за внесување на минатогодишниот конфликт во учебниците смета Професорот по историја во имназијата Зеф Љуш Марку Халим Пурелку:

„Учебниците по еден предмет треба да изразуваат сублимација на одредени научни сознанија. Ние во овој правец немаме ништо од научен аспект.“

А додека не дојде време за науката Македонците остануваат да ја раскажуваат приказната за борба против терористите, а Албанците за востанието за поголеми човекови права .

„Тоа што немаме никакви анализи за она што минатата година се случуваше во Македонија, покажува некакво мислење во светот за балканската интелегенција – дека таа е недоволно самостојно и дека таа на некој начин е научена да биде приврзок на државата, државните институции или на владејачките партии. И таквото нивно однесување јасно покажува дека уште долго време нема да има сериозна анализа, зашто, очигледно на многумина повеќе им одговара вака и им носи повеќе профит, иако државата има директна штета.“

смета Донев.
XS
SM
MD
LG