Достапни линкови

Попладнево ослободен Садула Дураку


Околу 16 часот и 15 минути со решение на истражниот судија на Основниот суд Скопје 2 од притвор е пуштен Садула Дураку член на претседателството на ДУИ, кој во саботата беше уапсен кај полицискиот пункт во Сарај. Причина за неговото ослободување, како што изјави адвокатот на Дураку, Беџет Елези е законот за амнестија. Односно, истражниот судија увидел дека делата за кои се терети Дураку се опфатени со законот за амнестија.

Инаку вчера, портпатолот на МВР Воислав Зафировски за Радио Слободна Европа изјави дека лицето Садула Дураку се терети за велепредавство, загрозување на територјалниот интегритет и злосторства против човештвото. А, причина за неговото апсење била потерницата од 10-ти декември 2001 година и фактот што според Зафировски овие дела не се опфатени со законот за амнестија.

Случајот Дураку пак, беше причина за превирања меѓу МВР и претседателот на државата, кој беше обвинет дека врши притисок за ослободување на Дураку. Овое тврдења експресно беа демантирани од кабинетот на претседателот. Трајковски се заложил за доследно почитување на законот и правната процедура и се изразува зачуденост како може државен орган задолжен за безбедноста на државата да дава политички квалификации на еден исклучително правен случај, кој својата разврска треба да ја добие во институциите на системот, се вели во соопштението од кабинетот на Трајковски.

Теута Арифи од ДУИ пак по вчерашната средба со Трајковски изјави дека за случајот Дураку надлежен е само Хашкиот трибунал. Од оваа партија сметаа дека приведувањето нема правна основа, туку има политички цели.
XS
SM
MD
LG